Кога ќе се соберат повеќе убави и позитивни луѓе на едно место можат чуда да се направат. Марков Манастир е ослободен од 160 столитарски ќеси ѓубре и повторно личи на пикник место наместо на депонија, велат од За почиста Македонија, кои изминатиов викенд иницираа нова еко-акција.
„Во саботата околу 40 луѓе се приклучија на акцијата на популарното излетничко место поред манастирот во Маркова Сушица, кое е преубав предел богат со широки зелени полјани, бистра река и високи шумички. За жал ова често посетено место редовно се загадува од несовесни граѓани кои отпадот после излет го оставаат како украс на тревата и во грмушкити“, велат од иницијативата.
Тие посочуваат дека во убава и опуштена атмосфера, со тимска работа и дружба, поткрепена со правата музика од @leonspremo за само 2 часови местото го трансформирале од тажна глетка со ѓубришта во чиста и блескава природа.
„Толку е потребно. Кога луѓето се здружуваат како заедница многу работи може да се постигнат и да се постави пример за како треба да се чува природата. После акцијата како награда за завршената работа пукна јако предпролетно сонце, некои од учесниците извадија инструменти, некои фризби и се случи спонтан излет, со пријатна акустична музика, игра, галење кучиња, пиво и лабави муабети“, соопштија од За почиста Македонија.
Истовремено, се заблагодаруваат до сите кои придонеле да се случи оваа акција.
„Кој не беше многу пропуштил, но ќе имаме прилика да се видиме на следната“, велат од иницијативата.
Инаку, акцијата е дел од кампањата „Позитивна промена“ на Министерството за животна средина и просторно планирање.