Активисти и граѓани од Кавадарци се револтирани од зафатите во кавадаречкиот Градски парк, каде денеска беа исечени децениски дрвја, претпознатливи за овој дел од градот.
„Паркот во Кавадарци претворен во градилиште, се сечат дрва на големо, до кога!?“, напиша преку Фејсбук Роберто Паризов, претседател на Еколошкото друштво „Еко-живот”. Тој објави и неколку фотографии од местото на сечата.
Како што пишува МИА, од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев појасниле дека комисиски било одлучено некои од дрвјата да бидат исечени поради нивна старост.
„Комисијата при локалната самоуправа, која одлучува во вакви случаи, констатирала дека доколку останат, тие дрвја би можеле да претставуваат опасност“, соопштиле од градоначалничкиот кабинет.