Бројните настани во рамки на третото издание на фестивалот за јапонска култура „Сакура“ се одржаа на 1 јуни (сабота) во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје на повеќе сцени, а вклучуваа изложби, боречки вештини, балетски перформанс, пијано концерт, гејминг натпревари, мода, штандови за продажба и храна, презентации и панел дискусии.
„И покрај повечето интересни настани кои се случуваа тој ден во Скопје, посетеноста беше доста голема. Поголем дел од учесниците беа македонци инспирирани од јапонската култура, а во панел дискусии, презентации и работилници беа вклучени и јапонски граѓани кои живеат во Скопје“, велат од организацијата Јапан@мк, која го организираше фестивалот.
Оттаму велат дека нивната цел била да се покаже дека со желба, граѓанско здружување и многу работа, може да се оствари сѐ, но и да го зголемат значењето на општествената одговорност која, како што посочуваат тие, е на многу високо ниво во Јапонија.
„Ние сме граѓанско здружение кое има за цел унапредување на културата во земјава преку организирање настани од сите области на културата инспирирани од јапонското чувство за одговорност, почитување на природата и посебна почит кон естетиката“, додаваат тие.
Фотограф: Небојша Гелевски – Бане