Меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“ годинава се одржа по втор пат во јули, а најголемиот дел од активностите беа во селото Цапари, во битолскиот регион.
Како што информираат организаторите со второто издание направиле исчекор во квантитетот и квалитетот на содржините претставени пред македонската и меѓународната сцена.
„Активностите почнаа со две изложби во јуни, во Мала Станица-Скопје, Зрно претстави современи, модерни дела од сите седум континенти, испратени на отворен повик и жирирани од осумчлено меѓународно жири, а потоа, во КИЦ-Скопје, претстави две големи имиња на современата аналогна фотографија-најнаградуваниот шпански фотограф-Жосеф Мариа Рибас Прус од Барселона и Дамиан Диаконеску од Темишвар“, велат од „Зрно“.
Во соработка со Арт Колонијата Де Ниро, во селото Цапари се одржаа работилниците за благородни фотографски процеси на кои учествуваа над триесет учесници од Европа и неколку студенти од кај нас.
Во склоп на второто издание се одржаа работилниците:
- Работилница за мокар колодиум, под водство на Предраг Узелац, Академија за уметност, Нови Сад, отсек Фотографија
- Работилница за креативни игри со полароиди под водство на Мартина Павлоска, Милано, Италија
- Работилница за лумен принтови, под водство на Јелена Белиќ, Скопје
- Работилница за Морденсаж техника, под водство на Сашо Алушевски, Скопје
- Работилница за сендвич принтови, под водство на Стефан Стефановски, Нови Сад,
- Работилница за класична аналогна фотографија под водство на Ивана Томановиќ, Академија за уметност, Нови Сад, отсек Фотографија
- Работилница за цијанотипија, под водство на Дамиан Диаконеску, Темишвар, Романија
„Во текот на сите седум дена, во стуктурираното и неструктурираното време, фотографијата беше честа тема на разговор. Се разменуваа совети, сознанија, увиди. На 12ти јули, во неформална атмосфера, беше прикажан и документарниот филм Transumanta – на Дамиан Диаконеску, гостин ментор на работилниците. Целта на овогодинешното издание беше да се подигне квалитетот на делата кои ќе настануваат на работилниците, и фестивалот да поттикне соработка на европско ниво, што во секој поглед беше постигнато- најголемиот дел од учесниците беа буквално од ширум Европа, од Осло до Атина. И секако, уживањето, во споделувањето на страста кон благородните фотографски процеси“, изјавија организаторите.
Претходно на 8 јули, во соработка со КИЦ-Битола, во две сали во Офицерскиот Дом-Битола се отвори изложбата на делата пристигнати на отворениот повик, како и избор на триесетина алтернативни фотографии од фото клубот Ирис, од Темишвар.
Потоа, на 14 јули беше организиран отворен ден, каде сите заинтересирани можеа да ги посетат работилниците и да погледнат како се работи на секоја специфична техника, да се обидат и самите да креираат нешто со помош на упатените учесници или ментори на работилниците.
Фестивалските активности на Зрно 2023 завршуваат со изложба на фотографии настанати на работилниците во Цапари и издавање на каталог.
Фото/Видео: „Зрно“ – Фестивал на алтернативна фотографија