Со герила акција од еден час, пред Министерството за внатрешни работи (МВР), денеска активистки на „Еквалис“ ги прикажаа пораките кои циркулираат во групите како „Јавна соба“.
Оттаму тие му порачаа на МВР дека „Јавна соба“ претставува кривично дело и дека, како што посочија, позади ова кривично дело се оштетени жени и девојки, кои државата е обврзана да ги заштити.
„Сите пораки коишто беа закачени на облеката на активистките се оригинално преземени пораки од моментално активната група ‘Јавна соба’ и истите се прикажани без никакви значајни интервенции“, стои во нивната објава.
„Нема да престанеме да го бараме она што ни следува како граѓанки на оваа држава, а тоа е правото да бидеме заштитени од сексуални насилници. Одбиваме нашата безбедност да е постојано нарушена, одбиваме да живееме во држава во којашто неказнивоста е правило, а не исклучок, одбиваме да им дозволиме на инстутциите со неказнивоста да им даваат уште толку поттик на сексуалните насилници и, крајно, најавуваме дека нема да престанеме да ги потсетуваме институциите, на различни начини и во различни форми, за нашите барање и ќе продолжиме да го правиме тоа сѐ додека жените не се безбедни, а насилниците се казнети“, се додава во објавата на „Еквалис“.
Со герила акција, нашите активистки денеска застанаа пред Министерството за внатрешни работи (МВР) и, стоејќи цел час,…
Posted by Association for Educational Development – Ekvalis / Еквалис on Thursday, March 4, 2021
Истовремено, тие ги повикаа граѓаните да се приклучат на осмомартовскиот марш кој ќе започне во 15 часот, насловен „Држава што не постапува е држава што силува“. Маршот оваа година, како што е најавено, е со цел „заеднички да се испрати порака дека не можеме да бидеме слободни, кога сè уште се бориме за нашите работнички права, достоинство и почит и живееме под закана од насилство и системска дискриминација“.
„Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група Јавна соба и сите жртви на родово засновано насилство. Зад статистиките стојат женски лица. Маршираме за да ги потсетиме интитуциите МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања“, стои во најавата за настанот.
Во Скопје минатиот месец беше одржан и протестен марш против „Јавна соба“, на кој беше изразена поддршка на жртвите од групата на апликацијата „Телеграм“, но и беа поставени барања да се казнат сите администратори на групите од ваков тип, но и сите оние кои споделувале лични информации и фотографии од девојки и жени.
Случајот „Јавна соба“ кој првично на македонската јавност и стана познат минатата година, повторно се актуелизираше во јануари, годинава, откако една од девојките чија фотографија се најде во една од групите насловени „Јавна соба“, преку видеоснимка и се обрати на јавноста.