[Фото] Глувата заедница сподели приказни и побара еднаквост во општеството преку толкувачи

Дворот на Младински културен центар (МКЦ) во Скопје вчера нешто пред 18 часот започна да се полни со деца, млади и стари луѓе дојдени да го прослават Меѓународниот ден на знаковен јазик. Пет говорници – членови на глувата заедница ги споделија своите инспиративни приказни со публиката, пренесоа дека сакаат да бидат слушнати и разбрани – за што им е потребен толкувач, како и поголема афирмација на македонскиот знаковен јазик.

„Тука сме да покажеме дека знаковниот јазик не е само начин на комуникација, туку симбол на идентитетот, на културата на глувите и наглувите луѓе во Македонија и е многу важен за нив. Овој настан е можност за прослава, но истовремено и повик за зголемување на свеста за важноста на македонскиот знаковен јазик. Затоа што тоа е јазик кој ни помага да ја разбереме важноста дека сите сме различни и дека имаме право да комуницираме на нашиот начин“, истакна Ивона Кузмановска, директорка на Младинскиот образовен форум (МОФ) говорејќи на знаковен и вербален македонски јазик истовремено.

На темата „Од идеја до реализација“ – приказна за кафулето „Улаф сте“ говореше Мартин Ангелов, млад член на глувата заедница кој заедно со својата сопруга Радмила е сопственик на овој локал во Битола, првиот кафич-пицерија на знаковен јазик во Македонија. Како што појасни, тие двајца пред повеќе години заминале во Холандија на година и пол од каде се вратиле со нови искуства и совети, спремни да ја направат Македонија горда.

„Ни рекоа ‘Можете, немојте да се откажувате’. До сега издржавме многу успони и падови, но успеавме. Првите чекори беа поврзани токму со знаковниот јазик. Во 2019 година почнавме со кафулето во Скопје каде го промовиравме, но за жал, поради пандемијата настрадавме економски и решивме да се вратиме во родниот град и таму да го пренесеме истиот бренд“, раскажува Ангелов.

Три години опстојувале само со „Улаф сте“, но тоа не било доволно за нив, па решиле да отидат да обука на која ќе научат како се прави италијанската пица Наполитана. Како што појасни, тоа е специјален италијански рецепт за кој не можеш лесно да добиеш одобрение.

„Сега со кафулето и пицеријата заедно функционираме петта година. На почетокот имавме проблем со комуникацијата, луѓето не знаеја како да ни пријдат, да ни се обратат. Но, многу се радувам дека ја подигнавме свеста во нашиот крај. Сега сите ни приоѓаат да разговараат со нас, бидејќи нашето кафуле е исполнето целото со знаци. Некои ги носат и своите деца да не’ запознаат. Нарачуваат со знаци и така го учат знаковниот јазик. Сепак, во секојдневната комуникација ни е потребен толкувач. На пример, доаѓа инспекција. Како ќе се разбереме со инспекторот?“, прашува говорникот.

Тие многу често имаат потреба од толкувач и не се комплетно задоволно, додаде Ангелов, но ќе се борат и за тоа право. Радио МОФ веќе објави дека Законот за употреба на знаковен јазик од 2009 година е застарен, ги дискриминира и ги ограничува глувите на само 30 часа годишно со толкувач. За да можат да отидат на доктор, банка, на обука, или до било која институција.

Христина Божиновска Гикова е дефектолог во државниот училишен центар „Партенија Зографски“, глуво лице, дете на глуви родители и мајка на близнаци. Таа зборуваше за нејзината приказна – македонскиот знаковен јазик низ три генерации.

„Таткото на Соња Кимова Делевска е најстариот жив доказ дека македонскиот знаковен јазик постои многу долго, повеќе од 88 години. Во светот постојат над 200 знаковни јазици. Нив го користат 70 милиони глуви лица во светот. Се користи знаковен јазик насекаде. Нашите две семејства, моето и на сопругот, имаат вкупно 17 членови и сите сме глуви. Последните двајца се моите деца и знаковниот јазик кој го користат тие за мене е многу важен. Сфатив дека нивниот развој и развојот на дете кое слуша и говори, е скоро идентичен. Нема разлика. Но, кога ќе се вратам во времето кога јас бев мала или моите родители кога биле мали, тогаш почна да се прифаќа знаковниот јазик и во тоа време немаше толкувачи“, објаснува Божиновска Гикова.

Таа пораснала во семејство и учела во училишта каде сите биле глуви, но кога се запишала на факултет – доживеала шок. За првпат тогаш се соочила со светот на звуците, на луѓето кои слушаат и говорат.

„Малку се збунив. Но, многу интересно, ги научив сите да говорат знаковен јазик и сега имам два света, светот на тишината и светот на звуците. Моите деца кои говорат знаковен сега ги запишав во градинка и имав трема. Како ќе се вклопат? Имавме голема среќа затоа што и двете учителки кои ни се паднаа учат знаковен и ми се обраќаат за совет. Ја користам приликата да им се заблагодарам затоа што не дозволуваат моите деца да бидат запоставени во групите и го почитуваат нивниот лингвистички идентитет – знаковниот јазик“, појасни говорничката.

Додаде и дека 90% од сите глуви лица се деца чии родители слушаат и немаат ваква среќа од мали нозе да бидат изложени и да научат да се изразуваат на знаковен јазик. Многу родители, рече, се неинформирани за тоа колку е важно за едно дете да се равие и да напредува во сите сфери во животот, односно да биде еднакво во стекнувањето на знаењата.

„Во ‘Партенија Зографски’ цело време комуницираме на знаковен и моето срце е исполнето. Ако правиме инклузивни промени, мора да биде вклучен и знаковниот јазик за да бидат еднакви стекнувањата на знаења со своите врсници кои слушаат. Тоа е за подобра иднина на младите глуви“, заклучи Божиновска Гикова.

Од друга страна, Лазена Ордева од Свети Николе говореше за секојдневните предизвици и проблеми со кои се соочува една глува личност. Таа е единствената која е глува во нејзиното семејство.

„Многу ми е драго што конечно можам да се изразам и да си го споделам тоа што ме тешти. Имав многу недоразбирања со полицијата и тие никогаш не побараа толкувач за да ми се обратат. Тој проблем создаде кај мене депресија и фрустрација. Доживеав непријатна ситуација, ми пријдоа без толкувач и се почувствував силно дискриминирана“, раскажа Ордева.

Таа се надева дека во иднина ќе биде слободна личност и ќе може да се изрази со помош на толкувач, но и дека институциите и службениците ќе разберат дека треба да бидат тука за сите нас еднакво и да ни дадат поддршка.

„Ставете се на нашето место. Треба да бидеме едно топло семејство во кое ќе има убав живот и сите ќе можеме да одиме напред. Сакате ли глувите лица да ги истерате со метла? Не. Треба да имате предвид дека за нашата иднина е важно вие да водите сметка за нашите чувства и да не’ почитувате“, поентираше таа.

„Како звучи тишината – трансфер од еден во друг свет“ беше темата на која зборуваше најмладниот учесник, ученик во средното школо „Партенија Зографски“, Дурак Демиров. Тој се родил како лице кое слуша, но некаде во 5-6 одделение неговиот слух почнал да опаѓа. Не одговарал на упатставата на наставниците, по што неговата наставничка пријавила дека тој почнува да го губи слухот.

„Мои другари, со кои се дружев дотогаш забележаа дека јас не слушам. Сите тие потоа ме оставаа на страна. Бев осамен, чувствував дека ми фали нешто. Сите зборуваа, јас не можев да разберам и се мачев. Немаше знаковен јазик. Во ковид пандемијата се запишав со скопско средно училиште и ми беше многу тешко со помош на апаратот да ги разберам луѓето покриени со маска“, се присети Демиров.

Потоа, поминал некое време во „Партеније Зографски“ и сфатил дека тоа е местото каде се чувствува удобно. Раскажа дека има многу активности организирани од училиштето и од „Млад знак“ каде се чувствува вклучено.

„Знам што ми треба. Научив многу работи кои ми се потребни во животот бидејќи претходно бев во средина каде сите зборуваат, а јас бев ставен на страна. Сфатив како беше порано и како ми е сега. Во претходното училиште кога даваа домашна погрешно го разбирав упатството и погрешно ја пишував. Мојот труд постојано беше залуден. Но, сега ми е полесно да прашам и да разберам што треба да направам. Мене ми е подобро во светот на тишината, во светот на знаковниот јазик. Во другиот свет малку ми е тешко“, посочи ученикот и член на „Млад знак“.

Соња Кимова Делевска е сертифициран толкувач на знаковен јазик повеќе од 20 години и кода – дете на глуви родители. Таа зборуваше како е да се биде дел и од двата света – на тишината и оној кој слуша.

„Јас првпат се сретнав со знаковниот јазик на 7 годишна возраст затоа што поради неразвирање на мојот говор сум морала да живеам со моите баба и дедо одвоена од моите родители. На 7 години влегов во светот на тишината каде не ги познавав родителите, не го познавав знаковниот јазик, а требаше да бидам мост помеѓу светот на тишината и светот кој слуша. За едно мало дете тоа е преголем товар“, рече Кимова Делевска.

Толкувачката потенцираше дека во последните 3 години работи со лица со даунов синдром и ги учи знаковен јазик. Истакнува дека особено и е драго што знаковниот јазик излегува од глувата заедница и корисниците се во поголем и проширен број.

„Во последно време бројот на заинтересирани е од различни профили, во моите групи има деца од 7 години до пензионери. Многу ми е драго што доаѓаат се повеќе и мои колеги, деца на кода, односно глуви родители кои сакаат да го научат, усовршат знаковниот јазик и што јас сум нивната поддршка затоа што во мое време кога бев во светот на тишината се чувствував дека сум сама и немаше кој рака да ми пружи“, посочи таа.

На крајот од дискусијата, децата од хорот „Доза среќа“ испејаа песна за знаковен јазик. Младите од „Млад знак“ ја изненадија публиката со скриени подароци под седиштата – инклузивни маички, а за музиката во фоајето на МКЦ се погрижи Демиров. Исто така, изложена беше македонската азбука на знаковен јазик и присутните кои не го познаваат имаа можност да научат да го кажат своето име.

Настанот го организираше МОФ заедно со организацијата за глуви и наглуви „Млад знак“ и активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

Ангела Петкова 

Фото: МОФ и Радио МОФ