[Фото] Голем ИТ-саем за вработување поврза над 200 студенти со 50 компании

Повеќе од 200 студенти од Бреинстер и Бреинстер Некст колеџ имаа можност да се претстават пред педесеттина водечки компании од земјава и регионот, на ИТ-саемот за вработување, „Brainster Job Fair“, што вчера се одржа во културно-едукативниот центар „Лабораториум“, а во организација на Бреинстер.

На саемот учествуваа компании од различни сектори од индустријата како софтверски компании, маркетинг агенции, регрутерски компании, телекомуникациски и медиумски куќи, банки, супермаркети и компании во областа на велнес и здравје.

„Претставниците на партнер-компаниите на саемот запознаа талентирани и иновативни кандидати како идната водечка сила во ИТ-пазарот на регионот. Студентите, пак, можеа да научат директно од експертите и професионалците присутни на саемот“, велат од Бреинстер.

Дел од студентите од Бреинстер и од Бреинстер Некст колеџ беа и на интервјуа за работа во просторот наменет за интервуирање на кандидатите.

Од тимот на HSO, софтверска компанија, изјавија дека настанот има убава енергија и дека бараат кадри кои се спремни за нови знаења, за прогрес и за следење на најновите трендови во развивањето на вештачката агенција. Велат дека праксата е идеална можност за студентите да проверат дали можат да се вклопат во некоја компанија.

„Има доста компании што бараат кадар за вработување. Ние оставивме свои податоци за пракса, и се поврзавме. Мене лично најмогу впечаток досега ми остави Pabau и себе си се гледам во иднина во една ваква компанија. Ваквите настани што ни ги организира факултетот заедно со Бреинстер се одлични за нас, одлични за вмрежување за понатамошни соработки. Она за што сум најсреќна е што повеќето ИТ-компании ни кажаа дека ги користат во секојдневната работа програмските јазици што ние ги изучуваме на факултет“, вели Исидора Дамкоска, студентка по Софтверско инженерство и иновации од Бреинстер Некст колеџот .

Во текот на настанот се одржа и панел дискусијата: „The ultimate career transition”, модерирана од Јана Тодоровска. Свои искуства, совети и знаења за кариерно реосмислување ги споделија Ивана Дојчиновска Станојковиќ, Илина Стојановски (LEAN), Филип Стојаноски (Native Teams).

Тие разговараа на теми како што значи кариерна транзиција, каков ефект имаат овие периоди на младите, кои „talent трендови“ се актуелни во индустријата во моментов, кој е бенефитот на нетипичните начини на работа односно фриленсери и дигитални номади.

„Целта на овој Саем за вработување е премостување на академскиот и кариерниот свет на студентите. Претставниците на партнер-компаниите на саемот запознаа талентирани и иновативни кандидати како идната водечка сила во ИТ-пазарот на регионот. Студентите, пак, можеа да научат директно од експертите и професионалците на саемот“, посочуваат од Бреинстер.

Настанот е организиран од Бреинстер во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и Центарот за претприемачи и развој на менаџери (CEED Hub) Скопје.