Град Скопје информира дека нивни екипи на почнаа да го реконструираат познатото шеталиште пред Градски парк, од потегот кај скопската гостилница „Кај Жабарот“, па се до почетокот на влезот во градскиот парк, кај Министерството за земјоделие, веднаш спроти паркот на Франкофонијата.
„Во должина од 140 метри и со ширина од 10 метри, шеталиштето помеѓу тројниот дрворед на скопските липи ќе добие целосно нова и реконструирана патека од лиен бетон, а ќе бидат поставени и нови клупи и канти за џебен отпад“, соопштуваат од Град Скопје.
Според градските власти, овој потег иако е еден од најфреквентните делови од кејот на Вардар, веќе подолго време беше руиниран и преставувало критично место при шетање или движење со велосипед.
„Ова не е прва активност на Град Скопје кога станува збор за реконструкција на јавните простори во градот, поточно кејот на Вардар и Градскиот парк. Покрај целосно исчистеното корито на Вардар од хотелот „Александар Палас“ до Аеродром што преставува големо задоволство за скопјани, Град Скопје е во завршна фаза и со реконструкцијата на шеталиштето на кејот „13-ти Ноември“, а во тек е и реконструкцијата на пешачките патеки во вториот дел од Градски Парк, каде веќе се обновени и сите пешачки мостови“, се вели во соопштението на Град Скопје.