Град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека денеска започнаа со отстранување на големата дива депонија лоцирана на влезот на населбата Драчево, кај местото Аџево.
Активностите се одвиваат во координација со општината Кисела Вода и ЈП „Улици и патишта“.
„Спроведуваме континуирана акција во Скопје, во изминатиов период расчистивме повеќедецениски депонии, како депонијата во Мичурин и депонијата во Визбегово, и секаде каде што просторните услови ни дозволуваа, наместо депонии сега на тие места имаме паркови во кои уживаат граѓаните. За десетина дена овде ќе бидеме целосно готови, овој простор ќе биде израмнет и ќе настапи системот кој што го воведовме во соработка со општините, а тоа е системот на засилен инспекциски надзор со цел радикално да ги казниме создавачите на вакви депонии и да не дозволиме животната средина да биде загрозена“, рече денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Тој упати апел до граѓаните да ја чуваат животната средина и да не создаваат диви депонии, зашто, како што рече, кон Скопје треба да се однесуваме како да е наш дом.
Според директорот на „Комунална“, Абдусамед Шабани, претпријатието секоја година отстранува сè поголемо количество неправилно одложен отпад на територијата на градот Скопје, што резултира со создавање диви депонии и загадување на животната околина.
„Во овој период кога се соочуваме со пандемија на еден смртоносен вирус, ќе ги преземеме сите потребни активности и ќе ги вложиме сите напори за максимално да го заштитиме јавното здравје“, изјави Шабани.
Фото: Град Скопје/Комунална хигиена