Граѓани од скопско Лисиче, активисти и советници денеска попладнето протестираа пред седништето на Општина Аеродром, откако вчера на седница на Советот беше изгласан ДУП-от за градска четврт ЈИ0901, кој предвидува и висококатница во населбата Лисиче. ДУП-от беше усвоен со 16 гласа „за“ од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, додека 11 советници од СДСМ и Левица гласале против негово усвојување.
Лисичани и лани на неколку пати се противеа против згради и бетонизација на населбата. Протестираа на крстосницата на „12. Македонска бригада“ и „Србија“, а потоа на јавните расправи носеа и куп документи за да докажат дека не може да се одземат нивните дворови за да се прошират улиците или за друга намена, предвидeна со тогаш предложениот ДУП.
Сега, иницијативата Да го зачуваме Лисиче смета дека ДУП-от бил донесен на шверцески начин, иако, како што велат, и на градоначалникот Тимчо Муцунски, и на општината, и на јавноста изрично кажале „НЕ за градежното лудило“.
„Ние како жители сакаме да ни се зачува карактерот на населбата, кој е со семејни куќи и не сакаме згради, не сакаме дополнителна урбанизација. Сметаме дека таа воопшто не е потребна. Со овој ДУП се отвора пандорината кутија и дополнително ќе се бетонизира населбата, ќе се создаде урбанистички и сообраќаен хаос. Носењето на овој ДУП не е ништо повеќе од тоа дека Советот и градоначалникот се робови на крупниот капитал, кој владее со оваа држава“, изјави за Радио МОФ активистот Тодор Кацаров од иницијативата Да го зачуваме Лисиче.
Општина Аеродром: Планот ќе го унапреди урбаното живеење и квалитетот на живот
Општинарите од Аеродром тврдат дека ДУП-от за делот од населбата Лисиче предвидува само една зграда, два паркови и решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од скопската општина.
„Финалната верзија на урбанистички план е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на живот во Аеродром и во истата се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни. Со донесувањето на урбанистичкиот план, Општина Аеродром уште еднаш покажа отвореност, транспарентност и грижа за проблемите на граѓаните и истиот отвора можност за понатамошен економски развој на општината. Изработката на деталниот урбанистички се реализираше транспарентно и во неколку фази, со вклученост на граѓаните и експертската јавност. Дополнително, ДУП-от за дел од населбата Лисиче доби позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Градот Скопје и сите надлежни институции“, велат од Аеродром.
Милутин Ристески од СДСМ: ДУП-от е срамен
Координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Аеродром, Милутин Ристески, смета дека вчера имало „шверцерско усвојување на спорниот ДУП кој е голем срам за Тимчо Муцунски и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Советот“.
Според него, поставен бил како вонредна точка на дневен ред, непосредно пред почетокт на седницата. Тврди дека немало ниту видео пренос од седницата на Јутјуб каналот на Општината, односно снимката е избришана.
„На последната трета јавна анкета која беше спроведена за време на годишните одмори лани во август, од 9 висококатници остана една. Најголемата, на 12 ката. На парцела во сопственост на ‘Голден арт‘, а тоа е фирмата која донираше парк во мандатот на градоначалникот Тимчо Муцунски“, изјави Ристески.
Горан Костовски од Левица: Прекршени се повеќе процедури, ДУП-от ќе биде оспорен
Дека ДУП-от „прескокнал“ повеќе процедури тврди и советникот во Аеродром од редовите на Левица, Горан Костовски. Освен што е ставен вон Деловникот, вели тој, ДУП-от бил донесен и како „итна точка“, а немало итност.
„Не помина на Комисија за урбанизам каде јас сум член. И, за тоа ќе следува претставка. Исто така, по Деловниот на општина Аеродром, кога се носи ваква ‘итна’ точка, било кој советник може да побара пауза од неколку часа, доколку сака да спреми амандмани. Меѓутоа, мене тоа деловничко право не ми беше овозможено од претседателот на Советот, Дејан Митески. Дополнително, планот добил и позитивно мислење од Министерството за транспорт и врски од досегашниот министер Благој Бочварски. Меѓутоа одобрувањето е ден пред седницата, а министерот е во оставка и не може да одобрува ДУП. Така што, ова ќе се спори и на Уставен суд“, посочи Костовски за Радио МОФ.
Според него, ако се изгради зграда од 12 ката, тогаш Лисиче ќе биде под канџите на градежната мафија, која, вели тој, ќе почне да им ги откупува бараките на локалните староседелци.
Да го зачуваме Лисиче: Продолжуваме со протести, акции и правни мерки
Тодор Кацаров од иницијативата Да го зачуваме Лисиче нагласува дека населбата Лисиче е изградена после земјотресот. Како и Скопје што некогаш било град на солидарноста, град хуман за живеење, така и населба Лисиче е родена во тоа време и над 40-50 години функционирала на тој начин.
„Ние мирно и хумано сме живееле во нашите семејни куќи, без бетонизација, без бучава, без сообраќајна гужва. Едноставно, тоа не ни е потребно. Не го сакаме. Затоа бараме овој ДУП да се поништи, бидејќи не одговара на сегашните потреби на жителите. Сите медиуми ќе бидете известени за понатамошните мерки – правни механизми, продолжување на вакви протести, активистички акции… Се’ е на маса, бидејќи ние немаме што повеќе да изгубиме, затоа што со овој кобен ДУП се загрозени нашите домови. Ова значи смрт на населбата Лисиче каква што ја знаеме“, посочува Кацаров за Радио МОФ.
Бојан Шашевски