Граѓанска ангажираност, активизам, еко-активизам и култура во општествените заедници беа дел од темите за кои вчера гласно говореа четворица активисти на првиот „ENGAGE Youth 2024“ кој се одржа во Центарот за култура во Дебар, во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ) и Радио МОФ.
Настанот го отвори младиот активист од здружението Центар за одржлив развој на заедницата, Ноли Османи кој зборуваше за тоа зошто е потребно младите во Дебар да се активираат и да направат промени.
Според него, младите во денешно време се пасивни и незаинтересирани и многу е потешко да се активираат.
„Нашата цел е да ги вклучиме младите во Дебар, затоа што младите тука не се доволно мотивирани и не се грижат за проблемите околу нив. Многу често луѓето во нашата држава сметаат дека не можат да направат ништо, но тоа не е правилно, бидејќи ако младите се спојат во групи можат да имаат поголемо влијание. Ова не е случај само во Дебар, младите не се мотивирани и во останатите места. Затоа треба да се активираме и да ги направиме овие членови во општеството од пасивни во активни“, рече Османи.
Арта Ќерими од Младинското здружение „Гоу Грин“ зборуваше за еко-активизмот и борбата на младите за позелена животна средина.
Според Арта, да се работи со млади во денешно време е преддизвик, бидејќи секогаш мора да се биде во тренд и да се следи сѐ она што тие го следат и она што ги интересира.
„Работилниците на младите почнаа да им бидат досадни, па така ние почнавме да бараме други решенија и методи за тие да придонесуваат повеќе и да научат истовремено. Лансиравме и едукативна платформа на која што младите директно се едуцираат на теми поврзани за животна средина. На таков начин најдовме решение и покажавме дека не само работилниците туку и онлајн едукативната платформа е добра алатка за учење“, рече Арта и додаде дека организацијата има и друг проект посветен за едукација на младите за животната средина кој трае веќе четири години.
„Имаме платформа со бесплатни еколошки филмови и работиме директно со средношколци и наставници. На овој начин, ние им даваме материјал на наставниците и професорите, па така тие да работат со средношколците. Реализираме четири проекции на филмови каде што има повеќе од 200 пријавени средношколци“, додаде таа.
Младиот активист од Културната платформа „Спознавање“, Дарко Беровски зборуваше за културниот активизам и за тоа колку е тој важен во локалните заедници.
Според него, активизмот се крие во иницијативата за решавање на некој проблем од секојдневието. На тој начин настанало и културното списание „Спознавање“, кое како што вели Дарко е одговор на прашањето „Дали доволно ги поддржуваме нашите артисти и уметници во Македонија?“. Бидејќи не добил одговор решил да направи списание каде уметниците и артистите ќе имаат можност да се претстават пред македонската публика.
„Од активистички аспект, ‘Спознавање’ прави интервјуа со уметници и музичари и тоа бара многу подготовка за соговорникот да се чувствува слободен. Правиме и фотографии, ангажираме и студенти кои се заинтересирани и тоа им помага да добијат директна пракса со клиенти бидејќи имаат целосна слобода за тоа како да ги направат фотографиите. Во списанието има и колумни од млади и тука младите имаат можност и слобода да пишуваат за теми поврзани со културата и немаат никакви ограничувања и така им се развива критичкото размислување и тоа им помага да бидат поактивни. Правиме и физички настани и промоција и тука потребна е поголема организација за настанот да е на крајот совршен“, рече Дарко и додаде дека за да се дојде до било каква промена во локалните заедници потребна е самоиницијатива, соработка и верба.
Мики Крстев, претставник oд иницијативата „Младите на Штука – Иловица против рудникот“ зборуваше за тоа зошто е важно младите да бидат поактивни и да се борат за проблемите кои ги засегаат сите во нивната околина.
Според него, младите треба да ги активираат и да ги разбудат постарите и да сфатат дека промени се можни, само, како што велинекој треба да истапи.
„Ние не сме формална организација, ние сме во суштина збир другари кои што имаме исти цели, кои што народот ги препозна и се приклучи во самата борба. Кога се појавивме сфативме дека цел народ истото ги мисли, но не го кажува јавно и чека млада сила да преземе инциијатива. Нашата цела борба беше скромна, а и ние скромно почнавме, но на крај успеавме еден фамозен проект со милионски суми да го сопреме и да поттикнеме цела струмичка околина да излезе и да каже дека е против рудник“, рече Мики и додаде дека иако во својата борба имале многу притисоци, сепак не се откажале.
Ова е првиот „ENGAGE Youth“, додека вториот настан ќе се случува во јуни во Скопје.
Настанот е поддржан од National Endowment for Democracy, а организиран од Младински образовен форум и Радио МОФ.
Симона Паскоска