[Фото] Хуманитарна акција на Стоматолошки – „Биди и ти нечиј Дедо Мраз“

По повод Новогодишните и Божиќните празници, Факултетското студентско собрание (ФСС) на Стоматолошкиот факултет на УКИМ организираше хуманитарна акција под слоганот „Биди и ти нечиј Дедо Мраз“.

Кутија за оставање на донации беше поставена во холот на ЈЗУ Стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ – Скопје, каде доктори, сестри, студенти, стажанти, специјализанти и други вработени во Стоматолошкиот Клинички центар имаа можност да донираат.

Од друга страна, членовите на ФСС направија обиколка низ просториите на Средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“, а учениците несебично помогнаа во оваа акција.

Дел од собраните средства, беа пренасочени за лекување на Трајан Целески – Тачо, а останатите средства беа за најмалите на Стоматолошкиот Клинички центар.

Во склоп на акцијата, на Одделите за детска и превентивна стоматологија и за ортодонција и протетика, Јован Крлев облечен како Дедо Мраз подели 60 новогодишни пакетчиња и 60 комплети од четкичка и паста за заби на дечињата.

„Неизмерна е среќата да се види безусловна и искрена насмевка од деца кои со страв дошле на стоматолог, а биле изненадени од Дедо Мраз кој им подава пакетче. Многу ми е мило што имаше одзив и поддршка од сите страни, што несебично се предадовме во беспрекорна организација и што со собраните средства успеавме во поставената цел“, изјави Крлев, претседател на ФСС на Стоматолошкиот факултет.

За него, пофалните зборови кои ги добиле од сите страни им се уште поголем мотив за во иднина поактивно да организираат хуманитарни акции.

Досега, секоја година се организираат вакви акции, а Крлев  се надева дека во престојната  година ќе успеат да организираат барем уште две.

А.С.