Под мотото „Информирај се, Пријави се и Вакцинирај се!“, во Прилеп денеска беше спроведена акција со цел информирање и подигнување на свесноста на пошироката јавност во однос на вакцинацијата за заштита од КОВИД-19, како и давање на практична помош на граѓаните да се регистрираат во онлајн системот vakcinacija.mk.
Перформансот се состоеше од креативно изработен симбол од корона вирусот и шприц во голем формат посветен на вакцината за заштита од Ковид-19. Се споделуваа информации во врска со имунизацијата преку дистрибуција на малечки картонски симболични шишенца со вакцини кои треба да ги добијат граѓаните што поскоро и што помасовно како би се обезбедил колективен имунитет.
Исто така, беше отворен и штанд на кој граѓаните имаа можност да се информираат и да се пријават за вакцинација, во истиот момент.
Според организаторите, ова е првата креативна акција од која се очекува да произлезат помали акции во одредени населени места и тоа: ромската населба – Тризла во општина Прилеп, како и руралните места во кои граѓаните имаат потреба од дигитална поддршка за обезбедување термин за вакцинација, како и дополнителни информации преку кои би се ослободиле од лажните вести поврзани со вакцинацијата кои постојано се шират по социјалните мрежи.
„Со оглед на фактот што во Прилеп и околните рурални места живеат голем број граѓани кои со соочуваат со различни економски, социјални и географски бариери, како и поради фактот што постојат голем број дигитално неписмени луѓе, вестите и соопштенијата кои Владата на РСМ ги објавува во врска со вакцинацијата за заштита од Ковид-19 не можат да допрат до пошироката јавност со што голем дел од граѓаните се оневозможени да се информираат, да се пријават и да се вакцинираат“, велат организациите што стојат позади на акцијата.
Очекувањата од спроведената акција, велат тие, се зголемување на бројот на пријавени граѓани за вакцинација.
Инаку, акцијата ја спроведоа Здружение за правна едукација и транспарентност Станица П.Е.Т. од Прилеп, заедно со партнерските организации Здружение за развој и унапредување на ромската заедница Романо Чачипе (Скопје), Национален Ромски Центар (Куманово), ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија на заедниците од Скопје, Центарот за современи уметности од Скопје и Фондацијата Отворено општество – Македонија.