Делата на уметниците кои годинава гостуваат на меѓународната уметничка колонија „Арт поинт Гумно“ ќе бидат изложени во сабота (29 јуни) од 18 до 21 часот во село Слоештица. Овогодинешната тема на колонијата, од која се инспирирани делата на уметниците е насловена „Слоешница – име за цел еден свет“.
„Во периодот од 15 до 30 јуни, 10 уметници од Македонија, Грција, Чешка и Србија создаваат скулптури, слики, фотографии и видеа што ја отсликуваат надреалната реалност од горно демирхисарските простори, непресушната инспирација и на Петре М. Андреевски. Преку темата на оваа колонија, всушност и ‘Арт поинт Гумно’ ја чествува 90 годишнината од раѓањето на Великанот“, велат организаторите на колонијата.
Тие истакнуваат дека особено се горди на скулптурата што по овој повод ја создал македонскиот уметник Никола Пијанманов, а е инспирирана од кутната поетска збирка „Дениција“.
„Скулптурата е материјализација на поетската збирка ‘Дениција’. За нејзиното остварување размислувам со години, но мигот на реализација се случи сега. Скулптурата самата по себе е контраст: нежност, поезија, лирика и структура од најсуровиот материјал, железо. На подлогата е изгравиран стихот ‘За таа топола меѓу две пустини, меѓу две планини’“, раскажува Пијанманов.
Како што појаснува тој, „Дениција“ е возвишено-трагична љубов која се трансформира во надземна состојба како симфонија на сакањето, творењето, себежртвувањето, смислата на љубовта и смртта.
„Благодарен сум што овој споменик на поезијата на Петре М. Андреевски, си го најде вистинското место во Слоештица, духовниот и физички дом на Петре, местото во кое се родила најмагичната книга Дениција“, истакнува уметникот.
Освен Пијанманов, годинава на креативното гумно твореа и Драган Докоски, македонски скулптор и копаничар, Мирослав Живковиќ, професор на ликовната академија во Ниш, Харис Савидес, архитект и фотограф, Снежана Восу, сликарка од Грција и Јана Хунтерова, чешка фотографка.
Гости на колонијата беа и поетот, музичар и сликар Владимир Мартиновски и неговиот син Филип, студент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Исто така, годинава на уметничката екипа им се придружија и домаќините, Воскресија и Сергеј Андреевски.