Во заедничкиот двор на Железничката зграда некогаш си играле десетици деца. Се правел ајвар и се печела ракија. Во 60-ите години во атриумите имало гаражи каде луѓето можеле да си ги паркираат своите возила. Еден од нив, комшијата Мирко од први влез, изградил канал и ја поправал својата и колата на комшиите. Професорката Нада по физичко која предавала во „Песталоци“, пак, во дворот ги учела децата да играат безбол.
Киното во Железничката колонија е отворено во 1959 година со голема премиера на филмот „Љубовта е постудена од смртта“. На проекцијата присуствувале 24 станари. Еден од нив бил Шулц.
Зградата е позната по односот со животните. Во еден стан, Перо чувал 49 мачки, бројка што го асоцирала на годината кога бил однесен на Голи оток. Подоцна оставил писмо на децата да го читаат Куќниот совет.
Познатиот архитект Богдан Богдановиќ престојувал во зградата откако бил бркан од режимот на Слободан Милошевиќ.
Во 70-ите години, славејќи го раѓањето на својот внук, Цветан Цветановски од третиот влез во дворот закопал ракија. Се’ уште не се знае каде е закопана.
Во првите 10 години од почетокот на живеењето во Железничката колонија починале седум луѓе. Во 70-ите вкупно 14, а во 80-ите – 39 станари.
Низ дворот од зградата се ширела миризба од липи, никнати и израснати на секој ќош, пред да бидат исечени од револтиран станар.
Во киното на Железничката зграда е снимен дел од филмот „Среќна нова 49“. Во 1959 година, режисерот Годар го снима „До последен здив“, филмот кој го означи новиот бран во францускиот филм. Делото има нелинеарна нарација на филмското дејствие, па Годар вика „Се има почеток, средина и крај, само не по тој редослед“.
Исто како во филмот, случувањата во зградата се одвивале со нелинеарна нарација. Никој не знае што точно, кога се случило, дали воопшто се случило.
– – – – –
Сите овие приказни, меѓу фактичките податоци и фикцијата, се врежани во старата фасада, руинираните ѕидови, терасите со закачени алашта и зелениот двор на Железничката зграда на улица „Борка Телевски“ број 26 во Скопје, некогашен репрезент на архитектура со историска вредност, на солидарност и заедничко домување.
Низ перформансот „Кога зградите би зборувале“, кој се одржи вчера, гостите беа во улога на станари на Куќниот совет. Заедно со активисти, актери и уметници се нурнаа во историјата на Железничката зграда, за да бидат учесници во развојот и заедничкиот просторен потенцијал на ова скопско обележје.
Проектиран од архитектот Михаил Дворников, изграден кон крајот на 40-ите години, објектот првично бил наменет за вработените во Државната дирекција за железници – Скопје, по што и го добива името Железничка зграда.
Овој тип на станбен блок (Железничка колонија) се гради во време кога Ле Корбизје го гради Марсејскиот блок, културно светско наследство од УНЕСКО.
Зградата е место за живеење на десетина генерации, сведоци на колективно, културно и социјално „пркнување“ на она што значи заедничко битисување и заеднички одлуки.
Железничката зграда преживеа промена на општественото и политичко уредување, преживеа голеm земјотрес од 1963, помали земјотреси, преживеа поплави, други природни катастрофи и разни профили на станари, но не може да ја преживее и негрижата на заедницата, незаинтересирана да го реставрира ова културно наследство.
„Ништо не е како порано. Кога бев дете луѓето беа поотворени, имаше цело време деца во дворот и соседи кои седнале на муабет, но имаше и ред и дисциплина, си игравме до пет саатот, а потоа сите по дома. Сега се луѓето затворени, секој во својот свет. Го нема соживотот што некогаш го имаше“, раскажува Слободан Кочевиќ, познат како чичко Бајко, станар во зградата повеќе од 60 години.
Во дворот има летниковец и зелена површина каде некогаш си играле околу четиристотини деца. Само 45 отсто од просторот е наменет за домување, остатокот е заеднички простории и комунален дел.
Меѓу заедничките простории е и сала во која некогаш се играло пинг понг, сега овој дел се изнајмува на приватна фирма. Зградата е позната и по својата кино сала, сега празна и полураспадната просторија од која се слева „водопад“ при секој дожд.
Но, не прокиснува само овој простор, туку и останатите станови. Сепак, зградата е заштитена како културно наследство од втор степен и не смеат да се вршат градежни интервенции без согласност од државата, а власта е незаинтересирана да инвестира средства.
Жителите на овој комплекс можат само да сонуваат за парно греење. Поголемиот дел се грејат на струја, а дел со огревно дрво. Неколку обиди за решение завршија неуспешно. Градоначалниците ветуваат, велат станарите, но никогаш не исполнуваат.
Во старото кино, присутните граѓани седнаа и одржаа плодна дискусија, во склоп на Куќниот совет. Секој имаше право на збор. Дискусијата одеше по патека на импровизација, но потоа се спои со локалната потреба за изнаоѓање решение за кино салата, па сите „гости“ сега се најдоа во ситуација вистински да учествуваат и најдат решение. Од граѓаните за граѓаните.
Салата беше посочен како неискористен генератор на средства. Доколку се понуди за издавање, станарите ќе си ги решат горливите проблеми.
„Овој простор е јавно добро и сакаме со помош на институциите да изнајдеме начин за соодветно да се реставрира, а да се користи понатаму од независната културна сцена. Кино салата може да продолжи така да генерира средства. Доколку институциите не се заинтересираат, тогаш морам да кажам дека оние што ги водат се некомпетентни затоа што зградата е репрезент и има наратив околу себе, поради кој сите ја сакаат“, вели Леловац.
Сепак, кино салата е во руинирана форма и би била потребна инвестиција за да се оспособи за користење, дали од страна на архитекти и сликари за ателје, фирми за канцеларии, или уметници кои би изведувале перформанси. Мнозинството граѓани – станари апелираа, предложуваа и, на крајот, гласаа за мултинаменски простор. Очекуваат соодветна реакција и од институциите. Очекуваат Железничката зграда повторно да заживее.
Креаторите на перформансот веруваат дека граѓаните со забелешки, идеи и препораки ја создаваат сопствената идеална околина. Активизмот, а со тоа и заедницата, се раѓа на локално ниво. Сите да тргнат од основните проблеми од соседството, од маалото, бидејќи тука почнува дејствувањето на заедницата и настануваат прогресивни проекти.
Затоа обновувањето на кино салата, и негово акцентирање како заеднички простор за културни и ангажирани содржини, ќе даде смисла на целата заедница воопшто.
Во перформансот учествуваа актерите Кристина Леловац, Јасмина Василева, Ивана Павлаковиќ, Долорес Поповиќ и Благој Веселинов. Факултетот за работи што не се учат, односно Филип Јовановски и Ивана Васева работат со станарите од 2015 година како би го анимирале јавниот напуштен простор во зградата.
Бојан Шашевски