Општина Куманово викендов беше домаќин на првиот Графити фест во градот на кој учествуваа десет млади уметници од Куманово, Скопје и Битола.
Настанот е во организација на Фондација за култура и спорт Куманово, а во соработка со жителите на комплексот згради К4 на „Октомвриска револуција”.
Младен Трендовски, кој беше дел од организаторите на овој еднодневен фестивал, вели дека инспирацијата за овој настан ја добиле од поголемите градови во Европа кои изобилуваат со графити.
„Сите паркови наликуваат вака како ние денеска што почнавме да реализираме овде, затоа и сакаме овој проект да се оствари, затоа работиме на тоа. Секој уметник има своја слободна уметност, не го ограничуваме за тоа, само да го разубавиме делот од градот. Да оставиме нешто и за наредните генерации“, рече Трендовски.
Горан Стојанов, пак, потенцираше дека ова е прв настан од ваков тип што тие го организираат, а плановите за во иднина се да го прошират во други делови од градот што ќе создадат нов и модерен изглед на градот.
Во рамките на уредување на овој дел од градот, беа засадени и садници од ЈП “Чистота и зеленило”-Куманово.
„Сакам да им се заблагодарам на младите што земаа учество на овој симболичен прв Графити Фест во овој град и ветувам дека нема да биде последен. Имаме цел да го уредиме и да дадеме една нова слика на овој дел или поточно овој комплекс каде живеат голем број на наши сограѓани, а и да го претвориме во едно место каде што повеќе ќе се движат младите и ќе прават заеднички дружби. Се надевам дека на овој начин дополнително ќе ја разбиеме и онаа монотонија што владее во оваа корона криза”, изјави градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски.
Раководителот на секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, Цоки Ристевски вели дека за целокупната манифестација општината издвоила од 80 до 100 илјади денари, а во настанот се вклучени и неколку компании од општината.
„Врз основа на иницијативата на жителите и станарите на овој комплекс кои изразија желба, ние како општина целокупно го поддржавме овој Графити фест. Ова е прв пат, се надеваме дека следната година ќе биде во поголем обем со повеќе учесници”, потенцираше Ристовски.