Во чест на 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, вчера (25 јуни) во амфитеатарот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) се одржа промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“, во издание на издавачката куќа „Арс Ламина“.
Книгата содржи 19 раскази инспирирани од ликот и делото на Андреевски и е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, а сликата на корицата и илустрациите на страниците се дело на сликарот Сергеј Андреевски, син на писателот Андреевски.
„По волја на судбината, јас тука сум еден од ретките што може да каже дека бил пријател со Петре, оние што седеле наспроти него, зборувале со него, се согласувале или не се согласувале, го гледале в очи… А тие што го погледале в очи знаат дека Петре беше бележан од природата или од боговите. Покрај својата исклучителност како автор имаше и телесна потврда дека е единствен, тој имаше ретка појава (хетерохромија), едното око му беше кафеаво, а другото зелено, метафорично речено, тоа што тој го гледаше и пренесуваше во својата поезија и проза блескаше и се прелеваше како ковчег со скриено азно, се вееше како виножито…“, се потсети Влада Урошевиќ, автор на еден од расказите и еден од промоторите на книгата.
А, Венко Андоновски, исто така промотор и автор на еден од расказите во книгата, во своето обраќање сподели повеќе анегдоти поврзани со неговото познанство со писателот. Како што раскажа тој, покрај тоа што бил перфекционист за тоа што тој ќе го напише и ќе го објави, великанот на македонската книжевност бил критичен и кон авторите по него, меѓу кои и говорникот, секогаш поттикнувајќи го да биде подобар и на ниво.
„И да не ни оставеше ништо освен бисерот на светската љубовна лирика ‘Дениција’ и метаисторискиот роман ‘Пиреј’, Петре М. Андреевски ќе останеше гениј во нашата книжевност, затоа што тоа што тој ни го остави е една стилска мастилница за оние што доаѓаа да ги макаат своите пера, меѓу кои сум и јас, и да си го бараат својот авторски глас преку неговото невидливо мастило“, истакна Андоновски.
Покрај Урошевиќ и Андоновски, автори на прозните посвети во „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ се Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети.
„Идејата за приредување на ваква книга не плисна, ниту надојде и гргна ненадејно како порој. Таа долго тлееше, татнеше, се мрешкаше и се разлачуваше од почитта кон претходниците, сè додека не се осамостои, не се избистри и не блесна како јасна намера за чествување и надоврзување на македонската книжевна традиција“, рече Оливера Корвезироска, авторка на еден од расказите која ја приреди книгата.