Дожд и многу забава до утринските часови – ова ја одбележа првата вечер од 19. издание на интернационалниот музички фестивал „Егзит“. Петроварадинската тврдина во Нови Сад и годинава е домаќин на млади од цела Европа.
Со огномет и перформанс, традиционално беа отворени 40-те сцени на фестивалот. Пораката која беше упатена од отворањето гласи: „Мир на Земјата, мир со Земјата“ со која организаторите упатија апел за зачувување на планетата. Фестивалот ја слави и титулата на Нови Сад како младинска престолнина на Европа за 2019 година.
Прво поголемо име кое се појави на главната сцена беше британскиот рок бенд „The Cure“. Публиката танцуваше и се потсетуваше на нивните најголеми хитови. За жал, поради фестивалските протоколи, медиумите беа ограничени во фотографирање и снимање на нивниот настап.
Забавата продолжи низ целата тврдина, со бендови и изведувачи по сечиј вкус. Се слушаа „Maceo Plex“, „Charlotte de Witte“, „Lost Frequencies“, „Carl Cox“…
„Егзит“ годинава трае до 7 јули. Нашите репортери Добре и Петар се подготвуваат за вечерва. Текот на настаните може да го следите на нашиот Инстаграм профил.