Река од стотици луѓе обоена во боите на виножитото, со транспаренти и знаменца, се собра во паркот „Жена Борец“, пред започнувањето на третата по ред, скопска Парада на гордоста.
Почетокот на протестниот марш низ улиците на Скопје претходеше со поздравни говори, а Ева Цветковска, претседателката на Универзитетското студентско собрание, својот говор го посвети на дискриминацијата на ЛГБТИ+ младите во македонскиот образовен систем.
„Би сакала да ги прашам властите каков е тој образовен систем кој што треба да не носи напред во иднината, а не учи на омраза и останува слеп на малтретирањето што го трпат децата што не се стрејт. Секое трето момче од основно училиште, коешто било на мета на насилство заради неговата сексуална ориентација во даден момент размислува на самоубиство. И речиси половина од средношколците изјавуваат дека биле сведоци на насилство упатено кон нивен ученик заради неговата сексуална ориентација и родов идентитет. Потребна ни е силна институционална заштита и брза реакција против секој облик на насилство“, посочи таа.
Цветковска се осврна и кон последната студија за дискриминацијата во високото образование, која покажува дека најдискриминирани меѓу студентите се токму припадниците на ЛГБТИ+ заедницата.
„Каков е тој образовен систем што прави да се мразиме и срамиме? Нареден пат кога политичарите ќе се запрашаат зошто младите си одат, покрај социоекономските услови кои не угушија, нека се сетат дека се креатори на едно општество кое ги штити исклучиво привилегираните, а ги брка сите останати“, истакна таа.
По говорите, знамето на виножитото се развиори, дури и како симболичен одговор на темните облаци и портокаловото зајдисонце. Учесниците на Парадата весело и во придружба на музика се упатија кон Стадионот на АРМ, каде следува културно-забавната програма во рамки на Парадата.
Парадата ќе продолжи со културно уметничка програма на Стадионот на АРМ, која ќе биде отворена со настап на овогодишната македонска претставничка на Евровизија, Андреа Коевска.
На стадионот на АРМ ќе настапи и оперската пејачка Наде Талевска, како и дрег кралици од земјава и од регионот. Свои диџеј сетови ќе имаат Андреј Мицајков, Јана Тодоровска, Мартина Пенева и Џинџер.
Парадата е ослободување
Една од гордите учесници е Теа, која за поддршка на ЛГБТИ+ заедницата, на Парадата излегла со своето семејство.
„Како мајка сметам дека е многу важно децата да знаат за различностите и дека воопшто сите деца се исти и сите луѓе се исти, дека сите луѓе требаат да имаат исти права. Многу е важно да се научи детето уште од мали нозе за да нема никаква дискриминација понатаму во животот“, вели таа за Радио МОФ.
Теа дополнува дека за неа, Парадата претставува ослободување.
„Ослободување и за сите како мене и за сите што се различни, за сите што имаат некого да поддржат. Се радувам кога сум тука и ги гледам сите луѓе. Многу сум емотивна, ова ми е трета Парада по ред и се радувам многу за сите луѓе, дека имаат еден ден да си бидат тоа што се, се надевам дека ќе се изборат да ги имаат сите права како сите други луѓе“, вели таа.
Марта, која оваа година е една од волонтерите на Парадата, порачува дека сите волонтери се возбудени и ги очекуваат луѓето да пристигнат на збирното место.
„Тука сме за да излеземе, да се бориме за нашите права, а исто така да покажеме и дека Прајд понекогаш треба да е журка. Бидејќи ние сме само луѓе и сме тука да се журкаме, да се забавуваме и да бидеме видени. Среќен Прајд“, вели Марта.
За Александар Атевиќ, дел од Марксистичката организација „Црвени“, ова е прва Парада на гордоста. За него, настанот е симбол на борба, а смета дека во земјава борбата за ЛГБТИ+ права е повеќе од потребна.
„Во Македонија воопшто не се размислува на правото на брак, за правото на посвојување деца, за правото на посвојување на дете на партнер. Ние сме доста закржлавена држава во тој аспект, имаме Закон против дискриминација, но сè е многу површно. Повозрасната генерација сè уште не е освестена“, вели тој.
Па така, според Александар, надежта е во младата генерација.
„Младите се отворени, прогресивни. Она што недостасува е поврзување на оваа борба со работничките права. Носиндикатите не сакаат да присвојат, и тие да се борат за човекови права. Тоа недостасува во Македонија, обединување на синдикатите, на работничките права и ЛГБТИ+ движењето.
Луѓето почнаа да пристигнуваат во паркот „Жена Борец“, збирно место за третата по ред скопска Парада на гордоста ️️⚧️#излезизаљубов #SkopjePride @SkopjePride pic.twitter.com/fYwGh4MonZ
— Радио МОФ (@RadioMOF) June 25, 2022
Ангела Бошкоска
Ивана Смилевска
Фото: Радио МОФ