„Приказни од плакарот“ се вика уметничката инсталација на улицата „Македонија“, поставена од група млади кои сакаат да упатат на предизвиците со кои ЛГБТИК+ заедницата живее во државава.
„Во овој плакар можете да влезете и да прочитате лични анонимни приказни од речиси 30 ЛГБТИК+ лица. Ова се приказни за нивните стравови, за криењето, за психолошкото и физичко насилство кое го трпеле и го трпат во семејните и социјални средини, но и приказни за истрајноста, за храброста и за силата со која овие луѓе се борат да останат свои и да продолжат по својот животен пат, иако живеејќи во конзервативни и насилни средини“, соопштуваат од „Еквалис“.
Од таму потенцираат дека „живеењето во плакарот“ или „живеењето меѓу четири ѕида“ е симболична претстава на тајниот живот поминат во криење за поголемиот дел ЛГБТИК+ луѓе кај нив.
„Во овој плакар, поставен на улица ‘Македонија’, во центарот на Скопје, нема само да прочитате лични приказни, туку ќе најдете и предмети со огромна сентиментална вредност кои ќе ве потсетат на вашето детство и тинејџерство, ќе најдете носталгија длабоки емоции кои несомнено ќе ве допрат“, посочуваат од „Еквалис“.
Тие нагласуваат дека живеењето слободно и автентично е гарантирано право на секој човек.
„ЛГБТИК+ луѓето се дел од вашите семејства, ваши пријатели, колеги на работа или соседи. Неможноста тие да бидат свои и да живеат скриено во плакарот значи дека никогаш до крај не може да ги запознаете луѓето со кои го делите вашето секојдневние. За сите ЛГБТИК+ лица што се во плакарот, коишто не по своја желба се најдени таму, коишто сакаат или не сакаат да излезат од овој плакар, коишто не се ни свесни дека концептот на плакар постои, а тој сепак ги ограничува, им порачуваме дека подобри денови доаѓаат и дека постои заедница којашто ќе ве прифати, сака и поддржува“, соопштуваат од „Еквалис“, потенцирајќи дека во следниот период преку социјалните мрежи ќе објавуваат приказни од плакарот.
Инаку, оваа уметничка инсталација ја поставува Здружение за едукативен развој „Еквалис“ во рамки на проектот „Пристап до правда и човекови права“, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на САД – УСАИД, имплементиран од Коалиција Маргини, а во партнерство со „Еквалис“, Хелсиншки комитет за човекови права и ХЕРА.
Фото: Еквалис