Средношколците од Медиа арт клубот при Младинскиот образовен форум од Велес на плоштадот С’рмаале подготвија урбано кино на отворено. По низа предавање од уличната уметност и стекнување на вештини за цртање, тие изработија сопствен арт телевизор каде пректираа документарениот филм со наслов „Banksy vs Robbo & The Graffiti War“.
Младите ентузијасти од Велес ја сфаќаат потребата на нивните врсници и на сите млади во градот за потребата на кино сала во нивниот град.
„Киното е објект кој служи за културен развиток на граѓаните, дружба, забава како и план за петочна ноќ на младите. Градот Велес со години нема кино. Самото тоа го гледаме како неуспех на надлежните поради тоа што и покрај многуте иницијативи за обнова на киното, очигледно надлежните не обрнуваат внимание на желбите на граѓаните на градот. Настанот кој се одржи е настан со кој имавме за цел да ја подигнеме свеста на граѓаните за тоа зошто ни треба кино. Седнавме на С’рмаале, наместивме платно и проектиравме филм. Сето ова беше изведено но со пречки – светлина која сметаше на проекцијата како и звуците од автомобили кои оневозможуваа да слушаме убаво. Сметаме дека граѓаните ја сфатија нашата порака- немамеве услови за да изгледаме еден филм, а дружбата меѓу нас младите и заинтересираноста за филмот беше очигледна“, велат Илина и Стефан, координатори на овој настан.
Во продолжение, фотографии од тоа како течеше проекцијата на филмот во инпровизираното урбано кино на град Велес.