„Сакаме климатско образование“, порачаа млади активисти на денешниот протест за климатска акција кој се одржа пред Владата.
Македонскиот огранок на движењето Петоци за иднина, Сојузот на средношколци и Универзитетското студентско собрание при УКИМ заеднички побараа од надлежните да го воведат климатското образование во наставните програми, бидејќи како што посочија, тоа не е доволно застапено.
„Без разлика од каде сме или од каде потекнуваме, сите сме на една иста страна и сите не’ очекува една страшна апокалиптичка иднина од научно фантастичен филм“, рече младата Мила Враниќ од Петоци за иднината пред насобраната толпа.
„За жал, сите сме сведоци како нашите надлежни институции не преземаат никакви мерки и воопшто не обрнуваат внимание на климатската криза, како и другите еколошки кризи на локално, но и на глобално ниво“, додаде таа.
Потсети дека и понатаму не се исполнети голем дел од барањата кои ги доставија до Владата на претходните протести.
„За наша сигурна иднина, треба да се фоксуираат многу повеќе на нашето образование и да не’ информираат за климатските промени преку формалното образование“, посочи Враниќ.
Тогаш, заклучи таа, младите би можеле да дискутираат, да анализираат и да даваат нови идеи за начини на кои земјата може да се справи со последиците од климатските промени.
На ова се надоврза нејзиниот врсник Лука Павиќевиќ од Сојузот на средношколци, кој истакна дека земјата не е исклучена од ова прашање.
„Климатските промени влијаат и тука“, забележа тој.
„Ние зборуваме за емисии на јаглероден диоксид во атмосферата, а само погледнете го скопскиот сообраќај. Ако некој го бива математика, нека пресмета колку јаглерод диоксид се произведува сега“, рече Павиќевиќ.
И тој реагира што во наставните програми речиси и да не се спомнати влијанијата на климатските промени, или како што вели „само во две-три страници во учебникот по биологија“.
За Борјан Ефтимов од УСС при УКИМ, борбата против климатски промени не е спринт туку маратон, и тоа со многу непријатели.
„Најголем загадувач е системот кој ја експлоатира животната средина“, смета тој.
Ефтимов ги повика сите активни млади за соработка со цел да ги информираат младите за потребата од климатско образование.
На денешниот протест, поддршка даде и Енди Батентие, коорганизатор на маршевите против климатските промени во Париз и дел од Жолтите елеци. Покрај ова, поддржа добија и од Социјалистичка зора и Гласни идеи, коишто веќе два месеци протестираат против поскапувањето на електричната енергија.
Непосредно пред почетокот на протестот, од Петоци за иднината реагираа дека Министерството за внатрешни работи (МВР) вршело притисок за откажување на денешните протести.
Како што тврдат оттаму, активисти на движењето во текот на вчерашниот ден биле повикани на разговор во полициската станица Беко, откако, повеќепати во текот на утрото, полициски службеници ги контактирале телефонски, обидувајќи се, како што велат, да ги наговорат да го презакажат протестот со објаснување дека денеска пред Владата ќе се случуваат протоколарни активности со странска делегација.
Протестот на крај се одржа во паркот „Република“, односно, просторот околу автобуската постојка на булеварот спроти Владата. Сметајќи дека им е оневозможено правото на собир, активистите кон владата извикаа: „Сакаме слобода!“.