Мурал за солидарноста и антифашизмот во центарот на Прилеп

Со изработка на мурал на фасадата на хотелот „Скопје” во центарот на Прилеп, продолжува програмата на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат(ФР~У).

Автор на муралот е Ристо Аврамовски во соработка со Владимир Милиќ, Филип Јовановски и Ненад Тонкин и е во продукција на ФР~У во соработка со ЦСЛУ(Центар за современи ликовни уметности) и Јавен Простор – Прилеп.  Муралот е насловен „Напред, без да се заборави” и реферира на „Песна за солидарноста” од Бертолт Брехт, симболично е поставен во близина на локација која е важна за антифашистичката борба, а тоа е објектот на Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ .

Зградата во која е сместен музејот е изградена на почетокот на XX век. За време на фашистичката окупација (1941-1944 година) овој објект бил претворен во бугарски полициски Участок во кој била сместена окупаторската полиција. На 11 октомври 1941 година борците од Прилепскиот партизански одред извршиле вооружен напад врз Участокот и врз други објекти во градот, со што започнало вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.

Овој мурал во една комплексна визуелна композиција, користејќи различни симболи важни за градот, зборува за историјата на градот Прилеп од почетокот на револуцијата на 11-ти октомври 1941 година па се до денес. Муралот има за цел одново да повика на вредностите на солидарноста и антифашизмот, да го нагласи значењето на Прилеп како град херој, град од каде почнала антифашистичката борба, вредност која треба да не води напред во иднината, но исто така вредност која не треба да се заборави или избрише од нашата општествена меморија.

Овој мурал е дел од серијата на мурали кои досега се изработија во уште пет други градови во земјава и тоа во Велес, Кочани, Битола, Скопје-Ченто, Гевгелија. Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор – Прилеп; Народен Театар Битола; Дом на Култура Ченто; Општина Гази баба; Општина Велес, Општина Кавадарци, Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.

Претходните пет мурали беа изведени на јавни институции, јавни простори, центри за култура со цел да се истакне солидарноста и соработката со јавните институции од културата и да се прати порака за заедништво во секоја локална средина поединечно. Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество.