[Фото] Мурал за солидарноста нацртан на руинираниот Дом на Култура во Ченто

„Солидарноста е темел на иднината“ е насловен новиот мурал кој во рамки на годинешното отворање на АКТО-Фестивалот на современа уметност, беше нацртан на Домот на Култура во скопската населба Ченто.

Автор на муралот е Владимир Милиќ, а е направен во партнерство со Културно Ехо Скопје и Општината Гази Баба.

„Да не се заборави поплавата која ја зафати нашата Општина, елементарна непогода која не бираше нација, вера и политичка определба, а токму во тие моменти се покажа колку можеме да бидеме солидарни и да си помогнеме едни со други. Општина Гази Баба е мултиетничка средина, место каде што сите ние делуваме секојдневно и затоа мораме да ги почитуваме различностите и да си помагаме еден со друг“, напишаа по завршувањето на муралот од партнерската организација и ЈКП „Гази Баба 2007“.

Домот на Култура во Ченто, меѓу жителите попознат како „Домчето“, е оставен на забот на времето. Лани, од Културно ехо организираа еко-акција и дружба на локалната заедница, со која побараа обнова на просторот.

Годинешниот, јубилеен, 15-ти АКТО беше отворен пред неколку дена, со изработка на мурал на фасадата на киното „Партизан“ во Битола. Само 24 часа подоцна, пораки што содржат говор на омраза беа испишани на муралот кој требаше да промовира заедништво.

Не издржаа пораките за заедништво – говор на омраза испишан на муралот на кино „Партизан“

Освен во Ченто и Битола, АКТО најави изработка на мурали и во Гевгелија, Прилеп, Штип, Велес и Кочани.