Со транспаренти на кои пишуваше „МВР викни ми такси“, „Дали си го барам МВР?“, „Престанете да не малтретирате“, а под мотото „Не сме безбедни“, активистки и граѓани денеска се собраа пред Министерството за внатрешни работи (МВР), барајќи санкции за нестручните полициски службеници кои ги изложуваат жртвите на родово базирано насилство на дополнително вознемирување, но и обучени полициски службеници кои ќе си ја вршат работата за која се платени.
На протестот, организиран од феминистичката платформа „Медуза“, а поддржан и од активисти, активистки, граѓанки и граѓани, феминистки и феминисти, девојки и жени, се собраа десетици лица.
Активистката Александра Спасеска на протестот изјави дека се собрани во знак на солидарност со жртвите на сексуално и родово базирано насилство, да им дадат поддршка, да знаат дека не се сами во овој процес, но и како што рече, да ги разбудат заспаните институции кои премногу често остануваат глуви и неми на овие случаи.
„Излегуваме на протест за да укажеме дека не сме безбедни во јавниот простор, не сме безбедни дома, на улици, во болници. Тука сме пред МВР, како прва служба од каде што почнува долгиот и често замрсен мултиинституционален лавиринт, низ кој поминува жртвата на родово засновано насилство, која се окуражила да го пријави насилникот. Последниот случај со пријава на сексуален напад, кој во медиумите стана познат како дивиот таксист кој ѝ избега на полицијата, по илјадити пат укажува на истите недостатоци, на институционална поддршка, на жртвите кои пријавуваат родово базирано насилство. Повторно слушаме за напад кој е дополнително трауматичен, заради двојната виктимизација на жртвите од страна на полициските службеници, преку поставување на навредливи, сексистички и нерелевантни прашања за жртвите, тие се деморализирани и повторно виктимизирани од страна на одговорните државни органи“, рече Спасеска.
Полициските службеници, според Спасеска се несензибилизирани и нестручни при пријави на родово засновано насилство, тврдејќи дека тие очигледно не можат да проценат што е сексуален напад и телесна повреда, па така случаите ги карактеризираат како недолично однесување.
„Додека полицијата прави двојна виктимизација и ја одолговлекува постапката, уште еден насилник бега од лицето на правдата. Тука сме бидејќи сме згрозени од некомпетентното и насилно однесување од полициските службеници. Кога инсистираме да се пријавува насилството, ги изневеруваме жртвите и ги изложуваме на дополнителна виктимизација од страна на полициските службеници. Сепак, не престануваме да инсистираме. Жртвите продолжуваат да бидат изложени на дополнителен стрес, и исмевање од страна на лицата вработени во полицијата“, посочи таа.
фото: Радио МОФ
Од пред МВР, активистката побара одговорност од полициските службеници од станицата во Аеродром да бидат санкционирани, бидејќи, како што рече, не се чувствуваме безбедно во сопствените градови.
Во меѓувреме, активистката Сара Миленковска истакна дека случајот со дивиот таксист е еден од многуте кои можеле да се видат во изминатите недели, но и години. Оттука, таа повика на протест и на 8 март, за, како што рече, заедно да покажеме уште еднаш дека ќе останеме тука, се додека треба да почнат да ги прават работите како што треба.
„Ќе останеме и ќе бидеме доследни, се додека тие не почнат да си ја вршат работата, меѓутоа не само преку протести, туку и преку нашиот активизам и преку директно посочување на проблемите кои што гледаме дека тие активно ги игнорираат.
Според Миленковска, кога девојка оди да пријави насилство во полициска станица, тоа го нарекуваат недолично однесување, додавајќи дека тоа не е недолично однесување, туку сексуално вознемирување, обид за силување, а некогаш и силување.
Кај здруженијата кои што овозможуваат бесплатна правна помош на жртвите на родово засновано насилство, обично доаѓаат жените кои веќе трпат насилство со години, посочи Драгана Дрндаревска од Коалиција „Маргини“.
Според нивните статистики од последните шест месеци, документирании се 45 случаи на родово засновано насилство, а од нив 35 се жени кои веќе 10 години трпеле насилство и се охрабриле да пријават.
„Така што, оваа поразителна статистика од аспект на тоа дека не се охрабрени веднаш да го пријават случајот, него живеат со години во насилни средини. Тие живеат во насилни средини, и нивните деца живеат во насилни средини. Дополнително, нашите статистики покажуваат дека се уште имаме одбивање да се постапи по службена должност, особено во помалите места. Институциите знаат точно во кое семејство има насилство, според закон тие треба да постапат по допрен глас, тие се уште инсистираат на пријава од страна на жртвата. Уште повеќе дури инсистираат, дури и жртвата доколку отиде да пријави, не е извесно дали ќе постапат. Се уште има големи пропусти во однос на полициското постапување, меѓутоа и постапувањето на центрите за социјални работа. Би рекла дека на темата сме статус кво, нема значајни унапредувања во однос на начинот на кој што постапуваат институциите“, рече Дрндаревска.
Ивана Смилевска
Мартин Колоски