[Фото] На две места во Тетово никнуваат културно-социјални простори

Кино проекции, креативни работилници, дебати, музички настани, скејт-парк за скејтери… се дел од замислените активности кои ќе бидат вклучени во културно-социјалните простори во Тетово.

На два вакви простори изминатиов период работеа волонтери и активисти од тетовската „Democracy lab“, белгиската организација „Toestand“, но и од заедницата „Термокис“ од Приштина, каде веќе две години се организираат концерти, театарски претстави, предавања. Луѓето таму заедно готват, цртаат, свират, помагаат со дрвенарија. Кој колку може. За да се придвижат работите во заедницата.

Идејата за Тетово е истата. Потекнува од „Toestand“, чија група оди од земја до земја, низ разни делови низ светот. Активисти од запуштени објекти прават функционални простори, од кои потоа бенефит ќе има локалната заедница.

Односно, алтернативни простори каде граѓани ќе доаѓаат, ќе се ангажираат, ќе поттикнат активности и го одржуваат просторот. Идеја базирана на заедништво, солидарност, општествена одговорност и културно разбирање.


„Тргнавме од идејата од ‘Термокис’. Волонтери од тетовска организација беа поддршка, па потоа стигнаа странски активисти, разговаравме, и бевме импресионирани за иницијативата! Со двајца колеги почнавме со организација, со развој на процесот. Направивме меморандум за соработка и со Општина Тетово. Ни дозволија да ги адаптираме двата простори, за потоа да се користат. Од Белгија дојдоа 50-ина луѓе и ги поделивме обврските“, раскажува Рона Камбери oд „Democracy lab“ за Радио МОФ.

Групата работи сплотено. Вклучени се креативци, ентузијасти, млади граѓани, работници, столари… Првиот простор што го ревитализираат е стариот напуштен објект на „Радио Тетово“. Поделен е по соби, посебни 5-6 простории. Една ќе биде кино за млади, друга – за работилници и дискусии.


„Третиот е планиран како музички дел. Не знам колку ќе се реализира понатаму идејата пак да направиме радио. Градиме изолиран простор, кој нема да пречи на останатите соби, нема да се слуша музика. А, луѓето ќе бидат среќни. За мене ова многу интересна работа!“, нагласува Камбери.

Втората локација е кај паркот, спроти автобуска станица во Тетово. На локалците им е познат овој дел. Запуштен и заборавен, во прилично лоша состојба. Тука прават скејт-парк, а денес планираат да постават и адаптираат место за пинг-понг маса.

„Исто така, просторот го облагодаруваме и со цвеќиња, дрвја, а планиран е и одделен мал сегмент за скара. Луѓето кога ќе дојдат во паркот, да се дружат, заедно да прават скара на отворено. На просторот ќе му треба дообликување, да профункционира поубаво, а утре е отворањето. Сепак, мислам дека повеќето планови денес ќе се реализираат. Работиме напорно. Вчера до полноќ, денес повторно до полноќ“, објаснува Камбери.

Понатаму, замислата е да се мобилизираат граѓани, особено млади. Да се шири идејата, смислуваат модел и да се запознаваат со можностите за културно-социјалните простори. За да може локациите понатаму да се препуштаат на нив. Од ентузијасти до ентузијасти.


„Да смислуваат и организираат активности, да ги направат местата функционални. Ова е повик до сите млади граѓани, да се приклучат и волонтираат. Да помагаат да се зајакнува и одржува заедницата“, повикува Камбери од „Democracy lab“.

Инаку, Радио МОФ во мај правеше интервју со Арбер Салиху од „Термокис“ од Приштина, за време на конференцијата „Engage“. Салиху објасни дека во ревитализираниот простор кај нив досега се организирале над 180 настани. Заедницата има хоризонтална структура, а сите одлуки се носат групно, со гласање. Сите учествуваат со идеи. На пример, има луѓе со желба за слем поезија. Пет члена од заедницата се здружуваат, договараат, помагаат да се случи евентот. Истовремено инспирираат и други личности. Тоа е јавен настан, доаѓаат млади граѓани, гледаат, следат, раскажуваат на врсници… Се создава верижна реакција.

[Интервју] Арбер Салиху: Смени се самиот, за да се смени системот

Останати фотографии од процесот за изградба на социјално-културните простори:

Бојан Шашевски