Од „Еко долина“ информираат дека масовно со над 250 автомобили, достоинствено и во бодра атмосфера, поминал денешниот моторизиран протест со кој граѓаните го изразија незадоволство од, како што велат, скандалозната и правно неиздржана пресуда на Управен суд во корист на „Еуромакс Рисорсис“ за рудникот „Иловица-Штука“.
„Се упативме во 2 колони и го блокиравме моторниот сообраќај во центарот на Струмица околу час време. Ова е само загревање. Ако е потребно во иднина спремни сме на покрупни и подолготрајни блокади! Сепак очекуваме пред изборите Вишиот Управен Суд да ја исправи грешката на Управен! Трпението на сите денес присутни учесници на протестот ни е при крај! Со вакви шверцерски пресуди нема да ја повампирите истечената концесија! #РудникНемаДаИма“, соопштуваат од „Еко долина“, објавувајќи и фотографии од протестот.
Инаку, „Еко долина“ заедно со „Здрава котлина“ и повеќе активисти и граѓани, пред моторизираниот протест рекоа дека се незадоволни и од „несоодветниот ангажман на јавното правобранителство во случајот со Управниот суд“.
„Изразуваме незадоволство и предупредување до државните институции и Управниот суд да не си играат со судбините на граѓаните во Струмица и Струмичко“, соопштија пред моторизираниот протест.