Вода во течна состојба која тече низ кањони и кратерски ѕидови во текот на летните месеци на Марс, е најновото откритие кое синоќа го соопштија научниците на НАСА. Тие велат дека со ова откритие се зголемуваат шансите Марс да е дом на одредени форми на живот.
Сликите направени од орбитата на Марс покажуваат карпи и стрмни долини и кратери. Научниците се уште не се сигурни од каде доаѓа водата, меѓутоа претпоставуваат дека водата би можела да биде од подземните замрзнати или солени слоеви на вода, или се кондензира од тенката атмосфера на Марс.
„Денес има вода во течна состојба на Марс. Поради ова, ние се сомневаме дека е можно да има животна средина“, изјави Мајкл Мејер, водечкиот научник на програма за истражување на Марс на НАСА.
Протокот на вода би можел да биде насока за НАСА и други вселенски агенции во откривање на места каде е голема веројатноста да биде пронајден живот, како и пронаоѓање погодни места за слетување при идни човечки мисии каде ќе може да се собира вода директно од природниот извор.
Некои од претходните мисии на Марс открија дека на планетата порано имало вода. Фотографиите направени во 1970 година прикажале површини со пресушени реки и долини кои порано биле потопени од огромни езера. На почетокот на оваа година, НАСА објави доказ за океан кој најверојатно ја покривал едната половина на северната хемисфера на планетата во минатото.
НАСА објави дека тековите на вода се појавуваат само кога температурите достигаат -27C. Водата е течна во такви услови, бидејќи солта ја намалува точката на замрзнување на водата, задржувајќи во течна состојба на температури под нулата.
Засега, истражувачите се фокусирани на откривање од каде доаѓа водата.