[Фото] Наставнички штрајк со исклучоци

Едни штрајкуваат, другите се штрајкбрехери. Во скопските средни училишта кои ги посетивме, делумно се спроведува генералниот штрајк на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), но сепак надлежните велат дека екстерното оценување е во тек.

IMG_20150128_114825

Интересно е тоа што и штрајкувачите и оние кои не штрајкуваат, тврдат дека другите се малцинство. Директор на гимназијата „Зеф Љуш Марку“ во општина Бутел, Фарук Зекири изјави дека во нивното училиште само околу 30% од членовите на синдикатот штрајкуваат, додека другите професори не штрајкуваат.

„Нема никакви притисоци врз штрајкувачите, тоа е нивно право. Поголемиот дел не штрајкуваат. Екстерното се спроведува според планираната динамика, учениците доаѓаат да се тестираат, се тече во најдобар ред. Екстерното го спроведуваат оние професори кои не штрајкуваат“, рече Зекири за Радио МОФ.

Иако во неколку наврати предложи дека нема потреба да биде земена изјава од претседателот на синдикалната организација во ова училиште, на наше инсистирање, директорот на училиштето сепак нè однесе во просторијата каде се штрајкува, која беше преполна со наставници.

[Фото] Наставнички штрајк со исклучоци

Спротивно на изјавата на директорот, наставниците изјавија дека во нивното училиште штрајкуваат речиси сите наставници.

[Фото] Наставнички штрајк со исклучоци

„Еве погледнете ја салата, преполна е со наставници, а и сите дневници се тука. Ако ви личи дека само 30% штрајкувме, во ред. Еве, колку се одржува настава“, велат наставниците.

[Фото] Наставнички штрајк со исклучоци

Претседателот на синдикалната организација на СОНК, наставникот Ружди Ибраими на прашањето дали имаат притисоци поради штрајкот, инстинктивно одговори „во која држава живеете? Се разбира дека има притисоци“.

„Ние штрајкуваме, има исклучоци кои не штрајкуваат кои соработуваат со директорите и кои ги одработуваат тие работи кои ги одредува директорот. Сите сме во штрајк, има само мала група на исклучоци кои не се во штрајк“, изјави Ибраими.

Во гимназијата „Орце Николов“ во општина Центар исто така штрајкот е во тек. На вратата на училиштето е залепен плакат на СОНК кој ги содржи барањата на синдикатот, како и известување дека во тек е генерален штрајк. Сепак, од обезбедувањето информираа дека директорот на училиштето одбива да дава изјави за медиумите и потврдија дека најголем дел од наставниците штрајкуваат.

[Фото] Наставнички штрајк со исклучоци

Пред неколку дена синдикална организација на „Орце Николов“ – Скопје со отворено писмо се обрати до јавноста и соопшти дека 42 наставника од гимназијата го продолжуваат штрајкот.

Според педагогот во средното училиште „Цветан Димов“ во општина Чаир, кај нив нема штрајк и наставата се одвива регуларно.

„Првите денови штрајкуваа десетина наставници, но сега не штрајкува никој. Екстерното тестирање исто така е тековно“, вели педагогот.

[Фото] Наставнички штрајк со исклучоци

Слична е ситуацијата и во средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин” каде според педагогот штрајк воопшто нема. Според неа, претседателот на локалната синдикална организација не бил на работа и затоа не е достапен за изјава.

Од СОНК за Радио МОФ велат дека генералниот штрајк се спроведува во сите училишта низ земјава каде што се штрајкуваше и досега и дека денеска им се приклучиле „Илија Николовски Луј“ – Скопје, уште по едно училиште во Тетово и Врапчиште и две училишта во Битола. Според нив, во училиштата каде додека трае генералниот штрајк има екстерното оценување, се носат заменски тестатори за да го спроведат.

СОНК упати уште едно барање до ресорните министерства за продолжување на преговорите и свикаа нова седница. Доколку не започнат преговори во наредните два дена, најавија дека советот ќе усвои нови активности и мерки во врска со натамошниот тек на Генералниот штрајк. Mинистерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми денеска за ТВ Алсат-М изјави дека неговото министерство е подготвено да седне на маса и да разговара околу барањата на СОНК, но само доколку тие го прекинат штрајкот.

Со цел да се добијат поточни информации за тоа во кои средни и основни училишта во Македонија се штрајкува, на социјалните мрежи денеска почна да се споделува интерактивна мапа за штрајкот на СОНК.

Од Министерството за образование и наука вчера информираа дека екстерното оценување во средните училишта е целосно заокружено во училиштата во Берово, Битола, Валандово, Богданци, Велес, Виница, Врапчиште, Гевгелија, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Липково, Маврово – Ростуше, Македонска Каменица, Македонски брод, Неготино, Охрид, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Скопје, Струга, Струмица, Центар Жупа и Штип.

„Процесот не е реализиран во општина Дебар, додека во општините Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево, каде реализацијата е делумна, ќе бидат утврдени дополнителни термини за тестирање на дел од учениците“, се вели во соопштението.

K.О.