„Не ни треба цвеќе, сакаме права“, „Стоп за економското насилство врз жените“, како и „Социјална правда“, беа пораките кои одекнуваат на денешниот марш за женските права по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената. Маршот се движеше од Влада до паркот Жена борец, на кој присуствуваа бројни активистки.
Тие упатија порака дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, тие сѐ уште не уживаат еднакви права во речиси ниту еден аспект од нивните животи.
Бојана Јовановска од Хелсиншкиот комитет за човекови права се осврна на последиците од пандемијата врз жените, кои како што истакна таа, од самиот почеток се во првите редови во борбата против Ковид-19, а најмногу се погодени.
„Овој 8 Март протестираме против системски овозможената сиромаштија која има женско лице“, рече таа, додавајќи дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, тие не учествуваат подеднакво во носењето на одлуки.
Јовановска, меѓудругото, истакна дека Собранието е единственото место каде преку родовата квота, застапеноста на жените забележала зголемување, но со распуштањето на Собранието за време на пандемијата, тоа придонело жените да бидат отсутни од процесите на донесување одлуки и родово сензитивни мерки за справување со кризата.
Според неа, локалните избори се уште еден пораз за жените кои како што истакна, во наредните четири години повторно ќе бидат исклучени од процесите на донесување на одлуки на локално ниво.
„Денес протестираме за сите текстилни работнички кои останаа без работа, за жените од руралните средини кои останаа без јавен транспорт и пристап до здравствени услуги, за жените со попреченост кои дополнителната непристапност ги направи уште поневидливи. За жените Ромки кои останаа без и онака ниско платената работа, за жените кои немаат пристап до услуги за репродуктивно здравје што ги води до уште поголема сиромаштија. Денес го креваме гласот за сите жени кои ја вршат неплатената домашна работа. За економско зависните и загрозени жени кои не можат да си обезбедат прехранбени продукти. За жените кои немаат ништо на свое име, за жените кои еднакво учествуваат во плаќање на даноци, но не можат да си дозволат основни средства за одржување на менструална хигиена“, рече Јовановска.
Покрај ова, наведе дека денешниот марш е и во знак на поддршка за жените кои доживуваат насилство во своите домови, на улиците и во онлајн просторот.
„За жените жртви на насилство, по чии пријави не се постапува“, посочи Јовановска.
„За самохраните мајки кои беа принудени да ги напуштат своите места заради затворање на градинките и училиштата. За жените кои се сопственички на мали бизниси и беа принудени да ги затворат. За преморените здравствени работнички, за сите жени кои ја изгубија битката со Ковид-19 и заради недостатокот од здравствени услуги“, додаде Јовановска.
Во име на присутните на маршот, таа упати повеќе барања, меѓу кои и усвојување на ефективни политики и мерки за справување со последиците од Ковид-19 кои ќе вклучат родова перспектива, функционални инспекциски служби кои спречуваат експлоатација и дискриминација на работничките, воведување квоти со најмалку 40 отсто вклученост на жените на секое ниво на власт, итно усвојување на Стратегијата за родова еднаквост, како и донесување на Законот за родова еднаквост.
Јана Коцевска од Мрежата за заштита од дискриминација, пак, истакна дека во Северна Македонија се вработени помалку од половина од жените на работоспособна возраст. При тоа, разликата во стапката на невработеност помеѓу мажите и жените е речиси двојна поголема од европскиот просек и една од највисоките во Европа. Овој јаз, рече Коцевска, е ист како и пред 20 години.
„Велиме ‘мајка ми не работи, таа е домаќинка’. Велите ‘жена ми седи дома, не работи’. Меѓутоа, тоа не е така. Овие луѓе работат секој ден. Над 220.000 жени, кои статистиката ги води како домаќинки, кои се економски неактивни работат секој ден, но не заработуваат од тој свој труд. Зависни се од приходите на домаќинството, овие жени се под постојан ризик од економско насилство и ја живеат староста без пензија“, рече Коцевска во својот говор во својот говор во паркот „Жена Борец“.
И таа забележа дека одлучувачките структури остануваат машки клубови, со тоа што во јавните претпријатија и институции, ретко се среќава жена директор.
„Токму затоа, денес сме тука да порачаме дека оваа борба и овој ден е за сите нас, и тоа за еднаков пристап до социјално здравствени услуги. За еднаков пристап до јавен превоз и информации. За еднаков пристап на пазарот на трудот, за подеднаква грижа за децата и повозрасните членови во семејството. За политичко учество на жените во општеството и за родова еднаквост која што ќе биде видлива во секој чекор и во секое домаќинство, и коешто ќе ги извади од сенката на невидливоста жените еднаш засекогаш“, истакна Коцевска, честитајќи им го празникот и на оние жени на кои не им е дозволено денеска да маршираат со нив.
Маршот за женски права традиционално се одржува веќе шеста година по ред. Годинава, Платформата за родова еднаквост го организираше под мотото „Сиромаштијата има женско лице“.
View this post on Instagram
Ивана Смилевска
Емилија Петреска