Во изминативе два денови во склоп на Европската недела на мобилност 2018 се одржаа серија предавања за учениците од СУГС „Боро Петрушевски“ за развојот на велосипедскиот сообраќај во европските земји, за проектот за намалување на урбаните топлотни острови и за безбедноста во велосипедскиот сообраќај.
Исто така, ученици и професори беа во посета и на Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС), во CO&WORK Hub се одржа дебата за подобрување на состојбата со одржливиот транспорт, додека кај ТЦ Рамстор се одржа герила акција.
За ученици и професори од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ се одржа промоција на одржлива туристичка тура до Матка – со автобус, изнајмување велосипед, посета на Музејот на ЕВН на Матка и на црквата „Свети Андреа“, туристичко возење по езерото со кајче и разгледување на кањонот и враќање кон Скопје повторно со автобус.
Во ОУ „Партение Зографски“ во општината Кисела Вода, пак, се одржа обука за учениците за сообраќајните правила. Станува збор за популарни предавања од областа на сообраќајот и безбедното возење велосипед.
Исто така, се одржа и дружење со популарни херои од стрипови и филмови.
Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност во соработка со невладините организации Македонски Зелен Центар, Еко Свест, ГОУ ГРИН, ПРВ ДО ВРВ и СМАРТ АП – лабораторија за социјални иновации.
Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Комбинирај и движи се“, а целта е да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.
Фото: Град Скопје