Додека пратениците пристигнуваа за закажаната седница за Предлог-законот за ратификација на Договорот со Грција за името, истовремено од 11 часот пред Собранието се собираа граѓани на протест.
Пред законодавниот дом можеа да се чујат свирежи и извици од типот „Лажливци“, „Фашисти“, „Нелегитимен парламент“, „Заев предавник“, „Не во наше име“…
Насобраните граѓани бараат оставки од пратениците. На улицата, пред собраниската ограда се пее химната. Се слушаат и извици со поддршка кон претседателот Ѓорге Иванов, кој рече дека нема да го потпишува договорот.
„Овој договор не смее да помине, полн е со контрадикции. Договор направен каде се крши Устав, правно и уставно и меѓународно нема да помине. Затоа не се плашиме. Ова не е ден за плачење. Ова не е ден кога се крева македонска шарена, туку духовна револуција“, рече пред присутните професорот Нестор Огинар.
Тој нагласи дека „Македонија е нашето име, нашиот идентитет, нашата должност и достоинство“.
„Ако мислат дека со еден договор неважечки ќе не избришат – се лажат. Сме биле и пред оваа влада и пред многу други влади, сме биле и пред Европа и Америка, и ќе бидеме и кога нив ќе ги нема. Овој договор може да помине само со нелегална влада и нелегален премиер“, смета Огинар.
Исто така, присутните го повикуваа опозиционерот Христијан Мицкоски да ги напушти собраниските клупи со другите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа и се случи, откако мнозинството пратеници во Собранието со 69 гласови „за“ го изгласаа Предлог-законот да се гласа по скратена постапка. Четириесет пратеници беа „против“.
Следно, според најавите е седница на Комисијата за европски прашања. Комисијата ќе има два дена, односно до среда на полноќ да го разгледува договорот. По Комисијата, Предлог-законот за ратификација на Договорот повторно би се нашол на пленарна седница, за да биде финално ратификуван.
Инаку, по Собранието демонстрантите продолжија да маршираат по скопските улици.
(Е.П. – Б.Ш.)