Денешните најави за бојкот на маркетите поради енормно зголемените цени во последно време ја инспирираше екипата „Урбана герила Скопје“ да направи нова акција во главниот град под името „Литро крв за потрошувачка кошничка“.
Екипата за урбани уметнички акции вели дека секојдневно сведочиме на ценовен хаос и поскапувања кои водат до се’ поголем пад на животниот стандард. Цените токлу брзо се менуваат, посочуваат тие, што граѓаните се почесто во маркетите се шегуваат со вработените велејќи им „држи ја цената додека да извадам пари“.
„Со оваа акција ние како уметници даваме активна поддршка на бојкотот на маркетите и се надеваме дека ваквите акции ќе извршат доволна мобилизација на граѓаните за да се креира притисок кон носителите на одлуки сериозно да се зафатат со проблемот на превисоките цени во маркетите а и на пазарите (иако земјоделците се соочуваат со исклучително ниски откупни цени на своите производи) и конечно властите да почнат да носат одлуки и решенија во корист на граѓаните, а не на крупниот капитал чиј интерес е единствено профитот“, посочуваат уметниците и активисти.
На крајот, тие ги потсетат креаторите на кризи и оние трговци кои спроведуваат нефер трговски практитки дека „најлошото место во пеколот е резервирано за алчните трговци“.
Фото: Екипа на Урбани уметнички акции – Урбана герила Скопје