Новинарите денеска напладне се собраа пред Влада каде го фрлија погребиот венецот кој вчера беше испратен во куќата на новинарот Борјан Јовановски.
Тие велат дека Владата е вистинското место за изразување револт од овој грозоморен чин, особено ако се знае дека Борјан Јовановски е еден од најгласните критичари на власта и е мета на долгогодишно вербално насилство од страна на медиуми и новинари кои важат за блиски до владејачката партија.
Од Новинарскиот пленум побараа Владата да преземе мерки за справување со ваквите притисоци и заканите кон новинарите. Тие бараат од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во рок од 24 часа да ги пронајде испраќачите на погребниот венец, а од лидерот на ДПМНЕ и премиер да го осуди јавно овој морбиден чин и да ги повика своите медиумски и партиски џелати да ги запрат хајките против новинарите.
Вчера вечер непознато лице дошло во семејната куќа на уредникот на „Нова“ Борјан Јовановски и на неговата сопруга и оставило венец со натпис „последен поздрав“ велејќи дека „поздравот“ е од Тодор Александров.