Новинарски протест во вторник против пресудата за Кежаровски

Повеќе новинари и медиумски работници се собраа денеска пред Апелациониот суд во Скопје за да го искажат својот револт од пресудата со која новинарот Томислав Кежаровски е осуден на две години затвор.

Со транспаренти во рацете на кои пишува „Je suis Kezarovski“ ( Јас сум Кежаровски), новинарите порачаа дека Кежаровски е невин и единствена праведна одлука која може да ја донесе Апелацискиот суд е ослободителна пресуда, а не намалување на казната која првично изнесуваше четири и пол години затвор.

Според претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, со оваа неправедна одлука, судот наместо да дели правда, решил да прави политички калкулации.

[Фото] Новинарски протест во вторник против пресудата за Кежаровски

„Наместо при одлучување за предметот да води сметка за правата на еден невин новинар, кој не направи ништо лошо туку откри злоупотреба во работата на јавните институции, одлучи да го спаси образот на оние што направија погрешна проценка пред две години, дека затварање на новинар во Македонија може така лесно да помине. Одлуката има за цел да покаже дека судот се смилува со Кежаровски, со тоа што му ја намалува казната. Такви калкулации ние не прифаќаме, затоа што и еден ден казна затвор за невин новинар е голема казна, која предизвикува огромна штета врз слободата на говорот и слободата на медиумите“, рече Селмани.

Претседателката на новинарскиот синдикат, Тамара Чаусидис, изјави дека Кежаровски  е осуден и со него е осудено целото новинарство.

„Во името на синдикатот и сите медиумски организации ги повикувам новинарите, колегите и пријателите и јавноста да се солидаризираат во борбата за професионално, критичко новинарство кое ја разобликува власта и кое го брани малиот човек“, рече Чаусидис.

[Фото] Новинарски протест во вторник против пресудата за Кежаровски

Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски, новинарскиот синдикат и ЗНМ ги повикаа новинарите и граѓаните во вторник во 12 часот да дојдат на протест пред судот и повторно да го изразат својот револт од доделената затворска казна за новинарот.

Новинарот Кежаровски е осуден во случајот „Ликвидација“, за текст кој го објавил пред пет години под обвинение дека открил идентитет на заштитен сведок. Од друга страна, тој тврди дека во своите текстови всушност открил дека се работи за лажен сведок во случајот.

Новинарите неколкупати излегуваа на протести револтирани од продолжувањето на притворот на Кежаровски и бараа да му биде дозволено да се брани од слобода. По бројните реакции во јавноста и поминати пет месеци во притвор, тој беше пуштен во домашен притвор. Продолженото држење во притвор на Кежаровски беше осудено од повеќе меѓународни организации меѓу кои и ОБСЕ, Репортери без граници, Меѓународната федерација на новинари (IFJ) и нејзиниот европски отсек Европската федерација на новинари (EFJ).

Р.М.