[Фото] Одржан мултимедијалниот настан „Во(н) јавниот простор“

Кај студентскиот дом „Гоце Делчев“ вчера се одржа мултимедијалниот настан „Во(н) јавниот простор“, каде „Еквалис“ на едно место собра млади, студент(к)и, активист(к)и за јавен простор, архитект(к), урбани планери, општински советници и жители од околните населби.

„Настанот го отворивме со панел дискусија во којашто младата архитектка Катерина Пановска и активистот Гога Поп Георгиев ги споделија своите увиди за тоа како простори кои често пати се заглавени во легалистички спорови, се под концесии, а седат во заборавот на времето како депонии би можеле да бидат вратени во корист на граѓаните. Тие исто така презентираа свои идејни решенија на кои имаат работено со фокус на урбана опрема и пренамена на простори кои се во корист и функција на модерните и тековни потреби на младите и кои не се воопшто инвазивни кон постоечката инфраструктура којашто претставува културно наследство. Токму поради таа причина (наводното културно наследство) и нивните проекти биле одбиени, додека во градот се случува масовно опустошување на бројни јавни простори“, соопштуваат од „Еквалис“.

Од таму посочуваат дека во дискусијата се вклучија и присутните кои даваа идеи и предлози за други вакви простори во други населби, но и пошироко низ државата. Беше и изразена потребата да се спојат постарите и помладите активисти, а од „Еквалис“ велат дека ќе се заложат да го направи тоа поврзување и одржување на таа врска.

На настанот беше отворена и изложбата на напуштени простори поставена од Алекс Шалевиќ и Галена Јовановска, а беше поставена и интерактивна мапа на која пристуните можеа да дадат свои визии за тоа како овие простори можат да бидат пренаменети.

Исто така, Алекс и Галена го промовираа својот фанзин „Гитла“ достапен за редистрибуција и препечатување во „Еквалис“.

Во вечерната програма на настанот присутните уживаа во музиката на три млади музичари: Иво Николовски, Јоана Ристеска и Стражар коишто, велат од „Еквалис“, дадоа одличен вовед во овој летен и револуционерен месец.

Во текот на вечерта присутните имаа можност да донесат свои маички или торбички и од од „Партизанска штампа“ да си добијат бесплатно печатење на нивната уникатна техника ситопечат. Дизајнот којшто се печатеше беше зградата којашто беше во фокус на овој настан, а беше рачно нацртан од Алекс Шалевиќ.

Исто така, „Лабораториум“ со своето лаб ќоше раскажуваа приказни за пренамена на индустриски простори во кулутрни центри преку нивниот пример

„Во(н) јавниот простор“ е настан во организација на Галена Јованоска и Алекс Шалевиќ , како дел од програмата „Акции за заедницата: Мобилизирање на граѓан(к)ите за локални решенија“ поддржан од National Endowment for Democracy.

Фото: „Еквалис“ / Фејсбук