Во кругот од сијалички, во дворот на кафе-книжарницата „Буква“, синоќа застанаа да читаат осум млади поетеси и поети, како дел од настанот „Отскочна даска“, со кој неофицилајно се отвори 5. „Скопски поетски фестивал“.
Пред будниот аудиториум поезија читаа Васја Мицковски, Милена Неделковска, Дарио Постоловски, Борис Симоновски, Бојана Спасовска, Даница Среткоска, Теодор Тасевски и Ана Шапкарова.
По читањето, учесниците меѓусебно ја избраа Ана Шапкарова да ги претставува на отворањето на фестивалот.
„Ѝ честитаме на Ана, но и на сите кои читаа! Ви благодариме на сите што дојдовте, го донесовте вашето добро расположение и внимателно слушавте. Им се радуваме на новите песни што ги слушнавме!“, соопштија од фестивалот.
Инаку, петтиот „Скопски поетски фестивал“ официјално започнува на 24 април во Младинскиот културен центар од 20 часот.
Ќе гостуваат поети, од пет држави, а ќе настапат и триесетина домашни поети. Од странство доаѓаат автори од Словенија, од Турција, од Грција, од Србија и од Бугарија.
Фото: Диме Данов