На платформата пред Кинотеката во Скопје изминатиов викенд беше одржан првиот „Октомвриски Музички Поход“ во организација на здружението „Култи Ватор“ од Скопје.
На музичкиот настан настапија бендовите „3Џект“ и „Хајка“ од Скопје, како и Диџеј Миран и Пиреа Саундсистем.
„Настанот има за цел да ја промовира и поддржи новата македонска авторска музика“, велат од „Култи Ватор“.
„Хајка“ е млад бенд од Скопје формиран во 2019 година. Влечејќи инспирација од бит-генерацијата на писатели и постмодерната уметност, бендот жанровски е на линијата помеѓу прото-панк па се до no wave. Со возбудлив сценски настап и многу енергија досега имаат низа свирки, издадени едно ЕП, еден албум (25 песни) и нов сингл „Мека Машина“ кој отвара една нова музичка насока за бендот. Во моментов се подготвуваат за издавање на нивниот втор албум.
„3Џект“ е експериментално џез-фјужн трио од Скопје, Македонија, формирано од Александар Ванчовски (тапани, перкусии), Петар Лукиќ (пијано, клавијатури) и Иван Петровски (гитара, синтисајзер). Првиот настап во живо се одржа во „Old School Café“ во Скопје во април 2018 година како џем сешн и брзо беше проследен со снимање на деби албум со 5 песни насловен „Homeverse“. Во 2020-тата влегуваат во студио по речиси едногодишен молк и го снимаат својот најнов албум.
Дицеј Миран Дургути е познат по своите сетови кои вклучуваат рнб, поп и техно музика. Периа саундсистем е дуо кое промовира реге музика.
„Октомвриски Музички Поход 2022“ е поддржан од Министерството за култура на РСМ, а според „Култи Ватор“ планот е тој да премине во настан кој ќе се одржува секоја година.