„Македонија2025“ информира дека вчера се одржа третиот регионален Саем за наука, настан кој има за цел да ги поттикне учениците да се заинтересираат за науката и да ги презентираат своите научни проекти пред пошироката јавност.
Саемот се одржа во поливалентниот простор на ООУ „Невена Георгиева – Дуња“ од Кисела Вода во Скопје.
„Саемите за наука се имплементирани во рамки на Џонсон Мети Програмата за влијание на заедницата ‘Науката и Јас’, на кои над 20 обучени наставници по природни науки, со група нивни ученици од 6 одделение, изведуваат индивидуални проекти/експерименти од областа на природните науки. Овие саеми се наменети за поддршка и унапредување на образовниот развој во нашата земја, преку подобрување на наставата по природни науки во 6 одделение. Иницијативата е наменета да промовира ширење на знаењето и практично учење по природни науки, овозможувајќи им на учениците активно учество во практични научни проекти/експерименти, со што ќе го разбудат знаењето и интересот за научен пристап преку презентација на научните концепти и ќе покажат колку возбудливо може да биде изучувањето на науката – од ученици за ученици“, соопштуваат од „Македонија2025“.
На овој регионален Саем за наука во Скопје учествуваа основните училишта: ООУ „Владо Тасевски“ – Скопје (Карпош), ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ – Скопје (Кисела Вода), ООУ „Браќа Миладиновци“ – Скопје (Аеродром), ООУ „Киро Глигоров“ – Скопје (Центар) и ООУ „Христијан Карпош“ од Куманово.
„Во рамките на истиот, 5-те ментори наставници заедно со своите тимови составени од над 30-ти основци ги претставија своите експерименти и проектни задачи пред над 100-тина свои врсници од општината“, велат од „Македонија2025“.
Проектот „Науката и Јас“ е одобрен од Министерството за образование. Во рамки на проектот, во месец април, веќе се реализираа два регионални саеми, еден во Велес и еден во Делчево, додека последниот четврти Саем за наука ќе се реализира денес, 22 мај во Струга во ООУ „Браќа Миладиновци“.
Фото: Македонија2025