Вечерва кај Олимпискиот базен беше отворен првиот памптрак (pumptrack) полигон во Скопје. Адреналинската патека е наменета за вљубениците во велосипедизмот, ролерите и скејтбордите. Претставува сплет на „flow“ кривини и контури кои овозможуваат забавна, но пред се, безбедна спортска активност.
Памптрак полигонот е со вкупна површина од 1.690 квадратни метри, кој е поделен на два дела – детски полигон со површина од 290 квадратни метри и полигон за возрасни со површина од 1.400 квадрати. Детскиот полигон е специјално приспособен за деца, за почетници и за лица во инвалидски колички. Полигонот за возрасни, пак, има разни елементи – двојни и тројни контури, скокови, брзи кривини и друго, кои овозможуваат поискусните да ги подобрат своите вештини на тркала. Двата полигона се одвоени, со што е овозможено безбедно возење.
„Просторот кај „Олимписки“ кој досега беше неуреден, стана првиот памптрак-полигон во Скопје. На овој простор беше предвиден хотел на 6 ката, но благодарение на Општина Центар која го измени ДУП-от, Скопје доби ново и уредено катче со зеленило, урбана опрема и содржини за забава“, рече градоначалникот Шилегов, на отворањето на адреналинската патека.
Фото: Град Скопје