„Мојот избор на работа не значи дека треба да имам помалку човекови права“, „Не се откажувам од тоа што го сакам“ и „Поддржи ме, заедно сме посилни“, се дел од пораките пропратени со црвени фустани кои денеска може да се забележат во Градскиот парк во Скопје.
Станува збор за перформанс со кој се одбележува Меѓународниот ден на сексуалните работници, во организација на „Здружение ХОПС“ – Опции за здрав живот Скопје, „СТАР“ – прв колектив на сексуални работници на Балканот и Коалиција „Маргини“.
„Овој настан има цел да испрати силни пораки од страна на сексуалните работници до јавноста, преку црвената боја која е симбол на страст и љубов и затоа нејзиниот лик се преточува во самодоверба и борба за подобро утре. На настанот ќе бидат прикажани црвени фустани кои сексуалните работници со гордост и достоинство ги носат, покажувајќи дека изборот на својата работа е лична одлука“, објаснуваат организаторите.
Меѓународниот ден на сексуалните работници започнува да се слави 1975 година, на 2 јуни кога 100 сексуални работници ја окупирале црквата Свети Низиер во Лион, Франција.