[Фото] Петти ден блокада на Русино – гостиварските камиони добија пристап откако се исполнија дел од условите

Тече петтиот ден од блокадата на депонијата Русино во Гостивар, откако граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ на 2 август го блокираше пристапот, со крајна цел затворање и дислоцирање на ѓубриштето.

Активистите децидно не дозволуваа пристап на камиони кои носеа ѓубре од девет општини, вклучително и на камионите на гостиварски Комуналец. Иницијативата постави одредени услови до Општина Гостивар, некои од нив веќе се исполнуваат, па од пред два дена пристап до депонијата е дозволен само за гостиварските камиони.

Активистот Десо Матески за Радио МОФ објаснува дека на депонијата веќе има багери кои работат на затрупување на ѓубрето.

„Пуштија барање до Владата и до Министерството за животна средина за итно наоѓање решение и дислокација на депонијата Русино, обезбедувањето го засилија 24 часа сега и се започна со поставување на камери, се копаат канали за кабли…“, објаснува Матески.

Но, доколку камерите не бидат поставени до 12 август, до кога е и закажана блокадата, Матески најави дека рампата повторно ќе биде спуштена.

Тој објаснува дека на блокадата има доволно луѓе, но и дека граѓани и фирми носат храна и пијалоци, додавајќи „не нè оставаат тука сами“.

Поддршка за нивната блокада на почетокот пристигна и од Првата детска амбасада „Меѓаши“, Движењето за чист воздух, здружението „Екогерила“, здружението „Мајка и дете“, иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“, и еколошкото друштво „Грин Пауер“ од Велес.

За горливиот проблем на гостиварци, претходно беше организирана и јавна дебата која се одржа на 29 јули. На тогашниот настан градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари најави дека во Русино освен камионите од Гостивар нема да можат да се упатуваат други камиони и додаде дека таму ќе бидат поставени камери и дека обезбедувањето ќе функционира. Пред насобраните граѓани порача да побараат негова оставка доколку забележат камион со отпад од друга општина.

Во однос на блокадата која ја најавија активистите, Таравари додаде дека блокада може за останатите освен за општината Гостивар, додека не се најде некое друго решени, а веднаш потоа активистот Матески ги повика граѓаните да се придружат на блокадата.

Гостиварските активисти незадоволството го изразија на почетокот на јули, кога испратија порака до институциите да најдат решение за нивниот проблем. Стотици граѓани пак, на 23 јули повторно го изразија својот револт преку протестно дефиле со автомобили, велосипеди и  поради депонијата која гореше веќе наредниот ден, а за која активистите велат дека чадот од неа се гледа од градот Гостивар.

[Фото] Започна блокадата на депонијата Русино во Гостивар: „Граѓаните повторно да размислат за нивните деца и поколенија“

М.К.