[Фото] Пинг-понг дружба во Центарот за баратели на азил во Визбегово за Светскиот ден на бегалци

Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) по повод Светскиот ден на бегалците кој се одбележува на 20 јуни, во средата организираше турнир во пинг-понг со барателите на азил од Центарот за баратели на азил во Визбегово.

Со оваа неформална дружба, вели Љубинка Брашнарска од УНХЦР, сакале Светскиот ден да го одбележат заедно со бегалците што се во државава.

„Имаме бегалци од разни бегалски ситуации, на пример, во моментов бројот на лица кои се избегани од војната во Украина е најголем. Сега има околу 7.000 украински државјани кои се избегани заради војната. Потоа има околу 200 лица од косовската ситуација и бидејќи војната веќе долго време е завршена, долго трае и нивното бегалско искуство и работиме со властите за да може да се стави зад нив тоа искуство и нормално да си го продолжат животот не како бегалци. Надвор од овие две ситуации има помал број на лица коишто доаѓаат од Сирија, Авганистан, од Демократска Република Конго и нив ги броиме во десетици“, изјави Брашнарска за Радио МОФ.

Таа објаснува дека барателите на азил тука имаат добри услови. Според неа е најважно дека тие имаат непречен пристап до системот за барање азил што е во склад со меѓународните стандарди. Сепак, како што вели, системот секогаш може да стане подобар со цел побрзо да се донесуваат одлуките и решенијата за доделување азил.

„Во доста од европските држави барателите на азил имаат право да работат уште од следниот ден имаат право. Кај нас по девет месеци од престојот или од барањето азил тие добиваат право да работат, но за жал во пракса тоа право не може да се опрационализира дури ни по 9 месеци. Не добиваат матични броеви и автоматски не можат да отворат сметка во банка, а без да отворат сметка во банка не можат да работат“, вели Брашнарска.

Таа посочува дека иако вработените во Центарот за баратели на азил се професионалци и Центарот располага со добри услови, тоа не е место каде овие лица може да останат засекогаш.

„Од друга страна бројот на признаени бегалци е навистина низок. Постапките за азил траат многу долго. На пример минатата година немаше ниту едно признаено барање за азил, односно уважено и позитивно прифатено. Оваа година имаме две позитивни одлуки. Бројот е сè уште низок“, смета Брашнарска.

Светскиот ден на бегалците се одбележува секоја година на 20 јуни од Обединетите нации и има за цел да ги слави и да им оддаде почит на бегалците ширум светот. За првпат овој датум бил воспоставен во 2001 година, како симбол на 50-годишнината од Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година.

Фото: УНХЦР