[Фото] Под силно полициско обезбедување граѓаните во Скопје маршираа за толеранција

Под силно полициско обезбедување стотина активисти, претставници на невладини организации и граѓани излегоа на денешниот „Марш на толеранција“ кој се организира под мотото „Правда! Слобода! Еднаквост!“

4

Групата се собра пред Музејот на Град Скопје, од каде точно во 5 минути до 12 часот тргна по улица „Македонија“, преку улицата „ 11 Октомври“, за да стигне до Владата на Р. Македонија каде присутните со 3 минутно молчење го искажаа својот револт поради кршењето на човековите права во земјава.

2

3

Маршот потоа продолжи по зацртаната рута, кон мостот Гоце Делчев до платото пред Универзитетот на ЈИЕ, каде што е најавен сценски и диџејски настап.

1

– Говорот на омраза и делата сторени од омраза врз основа на расна, верска, етничка, полова, родова и сексуална ориентација како и институционализираната дискриминација врз основа на политичка припадност кои се резултат на длабоко вкоренети предрасуди и омраза неминовно продуцираа поделби и тензии во Република Македонија денес. Последиците директно ги чувствуваат граѓанките и граѓаните на Република Македонија кои секојдневно се лишени од соодветно остварување на правата од здравствената заштита, образование, социјални услуги, еднаков пристап при вработување како и еднаков пристап до правда и почитување на нивната различност. Човековите права и слободи, владеењето на правото и слободата на говорот останаа да бидат само декларативни заложби на хартија. Меѓународниот ден на толеранција е денот кога ја искажуваме својата загриженост за ваквите сериозни нарушувања на состојбите со човековите права и слободи во Република Македонија, беше наведено во повикот за маршот.