„Насмевни се! Твојата насмевка раѓа нови насмевки!” – болниците и специјализираните домови украсени, осамените хоспитализирани лица и лица со попреченост добија прекрасни подароци и топли пораки за празниците, информираат од Културолошката иницијатива „5 до 12“ од Охрид.
Од таму објаснуваат дека ЈЗУ Општа Болница – Охрид, Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид и Здружението „Во мојот свет“ им испратиле фотографии од пристигнатите подароци и рачни изработки на учениците од Охрид, како дел од акцијата „Насмевни се“.
„Свесни сме за јачината на пандемијата која создаде огромен страв и анксиозност, а посебно погодени категории се стари лица, хоспитализирани пациенти, лица со попреченост и лица со забавено темпо на живеење. За овие новогодишни и божиќни празници, на иницијатива на Андријана Настеска, го започнавме овој проект за да ги тргнеме од сенка насмевката и среќата“, информираат од „5 до 12“.
Потенцираат дека во оваа акција им се придружиле учениците од основните школи „Григор Прличев”, „Ванчо Николески“, „Св. Климент Охридски“, „Христо Узунов“ и гимназијата „Св. Климент Охридски“.
Учениците заедно со одговорните на школите, велат од иницијативата, изработиле и им испратиле многу поклони, честитки, пакетчиња, украси и декорации, чоколади, а најмногу од сѐ пораки полни со љубов и топлина за новогодишните и божиќните празници.
„Им се заблагодаруваме на сите ученици и наставници кои се вклучија во оваа хуманитарна акција. Се заблагодаруваме и на одговорните на институциите кои на првиот повик ја прифатија, а и помогнаа во реализацијата на оваа акција. Вие сте причина за нечија насмевка!“, соопшти иницијативата.
Фото: 5 до 12/Фејсбук