Левичарската коалиција Нов народен фронт (НФП) забележа изненадувачка победа со освоени 188 парламентарни места или 32,6% од гласовите, а по нив е центристичката коалицијата Заедно на претседателот Макрон со 161 место, односно 27,9% од гласовите, пренесува Ал Џазира Балканс.
Десницата пак, освои 142 места во Парламентот или 24,6% од гласовите. Ле Пен и нејзината партија Национален собир (PH) беа фаворити, откако освоија најмногу гласови во првиот круг од изборите, што го зголеми ризикот од создавање на прва француска екстремно десничарска влада по Втората светска војна и се закануваше да ја наруши економската и надворешна политика во втората по големина економија во еврозоната.
Конкретно, сојузниците на Украина се плашеа дека владата предводена од Ле Пен ќе биде „блага“ кон Москва и ќе ја намали воената помош на која Киев се потпира од руската инвазија во 2022 година, иако нејзината партија неодамна ја прогласи Русија за закана.
Поразот на партијата Национален собир сигнализира барем привремен отпор кон подемот на десницата во Европа, но може да се навести период на нестабилност со новата влада во непријатна „кохабитација“ со претседателот Емануел Макрон.
„Воодушевување во Париз, разочарување во Москва, олеснување во Киев. Доволно за да се биде среќен во Варшава“, напиша полскиот премиер Доналд Туск на платформата X.
Инаку, предвремените избори Макрон распиша во обид да ја одземе иницијативата од Ле Пен, но неговата сопствена партија остана позади сојузот на левичарските партии, кој се пласираше на првото место, подобро од очекуваното.
Изборите го оставија францускиот парламент поделен помеѓу трите големи групи, левицата, центарот и крајната десница, кои немаат традиција на соработка.