„Често одговорот е дека улиците во нашиот град се тесни и нема доволно место за велосипедски ленти и тротоари. Но, секојдневно сме сведоци дека има паркирани автомобили на сред коловозни ленти, со изговор „се враќам за 5 минути“, „само да завршам работа“, „чекам некого“. Пред кафичи само да пијат кафе, пред трафики само да купат цигари, пред обложувалници само да уплатат ливче, пред банкомати само да извадат пари…“, велат од велосипедската иницијатива ПрилепНаТочак, од каде спроведоа акција заедно со пријатели-волонтери.
Иницијативата од Прилеп прашува како тоа градот секогаш има место за цели резервирани ленти кои се блокирани од паркирани коли, а нема место за велосипедски ленти на кои ќе се одвива велосипедски сообраќај?
„Зелен сообраќај. Ведар сообраќај. Луѓе со насмевки, луѓе што размислуваат за помал метеж, поевтин транспорт, почист град, подобро здравје… Наместо мртви ленти ни требаат велосипедски ленти на кои ќе се одвива жив велосипедски сообраќај!“, соопштува ПрилепНаТочак.
Од таму потенцираат дека место има насекаде низ градот, а треба само поинаков поглед.