Проектот „Велоштад“ на младите Михајло Стојановски и Теа Дамјановска е победник на повикот за прототип на вело паркинг, организиран од Скопје Лаб – Центарот за иновации на Град Скопје. Нивното решение ќе се постави на локација во склоп на Транспортниот центар.
„Низ релативно едноставен процес на ревитализација со лесно преземливи чекори, овој простор станува мешавина на возобновени стари вредности и квалитативни новитети. Од обична минувачка точка, избраната локација станува градски велосипедски акцент. Тоа е така затоа што, покрај паркирање, овој нов плоштад нуди простор за основен сервис на велосипедот, гардероби за брза промена на облеката, кабини за долговремено стационирање на велосипеди и урбана опрема која ги повикува локалцитеи дојденците да сакаат да поминат време во овој дел од градот“, стои во описот.
Покрај ова, „Велоштад“ се осврнува и на проблемот со кражбите на велосипеди, така што улогата на заштитници во ова решение паѓа на како што велат креаторите – најголемите „градски“ чувари, уличните пешаци.
Крајната цела на проектот е Транспортниот центар да се претвори во нова вело локација во градот.
Второто место го освоија Тамара Џерков и Анастасија Ристеска кои со нивното решение понудија поиновативен пристап на вело паркинг, односно држачи за велосипеди со соларни панели и место за одмор.
„На долниот дел од двете страни на држачот има испуштени делови нанадвор за 200 мм кои се прицврстуваат за арматурата од интервенцијата, врз што се лие бетонот, па така се осигурани држачите без дополнителни материјали како шрафови. На горната страна од бетонскиот елемент се поставени по два соларни панели кои се со димензии 356/301/28 мм и се со моќност од: 10 WP, краток спој струја: 610 mA, напон без оптоварување: 21,6 V, номинален напон: 17,6 V, номинална струја: 570 mA. Овие модули се особено погодни за полнење батерии во мали изливни системи. Цврстата рамка на модулот направена од елоскиран алуминиум нуди механичка стабилност, гарантирајќи цврста инсталација на модулот. Со овие панели се поврзани кабли кои завршуваат со USB приклучок и излегуваат на задната страна, над клупата на бетонскиот елемент, при што ќе можат да бидат искористени како полначи за телефон. Исто така на горната површина од бетононскиот елемент се појавува вдлабнатина во која ќе биде поставена жардињера со димензии 100/30/20см во која ќе има посадено сезонско цвеќе и ќе му даде живост на просторот“, стои во описот на нивната идеја.
Третата награда ја освои тимот Владимир Ристовски и Елена Пазарџиевска Ристовска со нивниот дизајн за пјацета.
„Како подлога за дизајнот се користи постоечката мрежа на конструктивни елементи – подови и плафони во која потоа се вметнуваат останатите урбани елементи – клупи, држачи за велосипеди, светилки, корпи за отпадоци и зеленило. Имено, проектот предвидува задржување на постојниот мермерен под (со претходна замена на оштетените плочи, отстранување на дамките и брусење на целата површина како заштита од лизгање). Со дополнување од истиот материјал на местото на сегашниот земјен појас се проширува контактната зона меѓу паркингот и зградата на Автобуската станица и се овозможува и дополнителен простор за движење и чекање пред објекот. Во новиот и во постоечкиот под се вметнуваат траголни парчиња од полиран мермер кој прави рефлексија при сонце или дожд. Дел од триаголните парчиња се употребени и како подни светла. Во истата таа мрежа од плочки се вметнуваат бетонски клупи во форма на едноставни кубуси. Во зоната кон паркингот се засадени и неколку дрва од типот на јапонска цреша (Prunus serrulata) кои сосема би го смениле изгледот на пјацетата во периодот на цветање. Дрвјата се соодветни за нашето поднебје, а се симболичко поврзани со потеклото на објектот“, гласи нивното решение.
Целосниот пренос од презентациите можете да го погледнете на следниот ЛИНК, додека сите добиени решенија може да се прочитаат на овој ЛИНК.