[Фото] Промовиран тастер за пешаци на семафор, НаТочак реагира дека се зголемува автоцентризмот

Град Скопје денеска со прес-конференција се пофалија за поставен тастер за пешаци за семафор на „Србија“, со што сметаат дека ќе се зголеми безбедноста на сообраќајот на овој фреквентен булевар, додека иницијативата НаТочак реагираа дека ова е чекор понапред кон автоцентризмот. 

Според градоначалникот Петре Шилегов, тастерот е по барање на граѓаните, по немилиот настан минатата година кога на овој пешачки премин каде загина пешак, па затоа Град Скопје на оваа локација постави семафор за да овозможи побезбедно поминување на пешаците преку булеварот.

„Наидовме на разбирање кај компанијата ОКТА за да воведеме и еден поинаков систем – во моменти кога нема толку многу сообраќај на улицата да може со притискање копче да се отвори пешачкиот сигнал за да се зголеми безбедноста на пешаците при преминувањето на улицата, особено на децата од оваа околина коишто одат на училиште “, рече денес Шилегов.

Тој рече дека Градот Скопје на булеварот „Србија“ годинава изградии и велосипедска патека која ги поврзува главните велосипедски рути во Аеродром со Кисела Вода и Гази Баба.

„Сакаме да воведеме безбедно движење со одржлива урбана мобилност. За мене е императив сите решенија коишто ги нудиме како градска администрација да се во насока на одржливата урбана мобилност, а пред се’, да се безбедни за граѓаните, особено за најранливите категории во сообраќајот“, нагласи Шилегов.

Од Град Скопје соопштија дека тастерот на семафорот на булевар „Србија“ е донација од компанијата ОКТА, со која се предвидува поставување вакви тастери на повеќе пешачки премини на градските булевари.

По прес-конференцијата, иницијативата НаТочак излезе со став дека градот доби копчиња за молење на пешаци, т.н. „beg buttons“.

„Покрај што досега чекаа, отсега пешаците ќе треба и да молат да ја преминат улицата. Копчињата за молење не се измислени за да им служат на пешаците. Тие се измислени за да им служат на автомобилите. Логично и тука, како и во САД, поддржани од автомобилската индустрија. Копчињата за молење се измислени за автомобилите да имаат првенство на минување и се спротивни на заложбите за одржлив град, зелена престолнина, град за луѓе, епитети со кои сака да се кити Градот Скопје“, се вели во реакцијата НаТочак.

Според вело-активистите, ваквите копчиња се смислени за да се намали застојот на автомобилите поради пешаците.

„Со цел луѓето во коли да не мора да чекаат 30 секунди на семафор за пешаци, а пешаците да се молат за воопшто да им стартува циклусот. Ова е проблематично од многу аспекти и е лошо најмногу по безбедноста зашто луѓето во автомобили очекуваат да нема пешаци и да не се стартува зелено за пешаци и се навикнуват на поголеми брзини. Целиот товар е ставен на внимавањето на пешакот сам на себе, спротивно на сите принципи на одржлива безбедност“, стои во реакцијата.

Визуелизацијата што ја објавија НаТочак

За НаТочак, најпроблематично е сепак, аспектот на очигледна приоритизација на автомобилите над пешаците.

„Дали возачите на коли мора да застанат на секоја крстосница, да ја извадат главата низ прозор и да стискаат копче за да им се запали зелено светло? Не, зеленото светло си го добиваат без молење. Личи како копчето за молење да не е голема работа, ама ова е уште еден од начините на кој градот праќа порака до пешаците: ‘Вие не сте нормални. Вие не припаѓате овде. Вие треба да стискате копче за да пешачите некаде, додека ние го имаме изградено целиот транспортен систем за да го приоритизира слободното движење на автомобилите“, се вели во реакцијата на НаТочак.