[Фото] Протест на Fridays for future пред Влада: Сибир е аларм за климатските промени!

Загрижени од последните катастрофи кои поради се поголемите температури се случија во студениот Сибир, иницијативата Fridays for future Skopјe и овој петок, по седми пат, се собра на протест кај Владата.

Во солидарност со штетите настаните од масовните пожари и уништување на жив свет од огнената стихија, младите укажаа на очајната потреба за превенција, за да не се случи истото и кај нас. И воопшто низ целиот свет.

Исто така, искажаа незадоволство од начинот на кој властите досега се справуваат со климатските промени. Побараа чекори, мерки, видливи решенија.

„Пожарите во Сибир, за жал, повторно не’ потсетија колкава е моќта на климатските промени“, вели Никола Јовановски од иницијативата, присутен на протестот.

„Мора да има одговорност од младината која се повеќе си оди од државата, но и поголема поддршка од владата да ја задржи овде“, дополнува Јовановски.

Според него, користење на обновливи ресурси за добивање енергија и подобрување во јавниот транспорт се најважни промени кои треба да се случат.

„Навистина е тажно што катастрофи како овие кои се случуваат периодов се причината поради која се собираме денес овде“, вели младата Елена Дамова од Fridays for future. „Ние веќе креиравме отворено писмо до владата во кое ги наведовме чекорите кои владата мора да ги преземе за формирање на посеризна стратегија за справување со климатските промени“, потенцира Дамова.

Во отвореното писмо, меѓу другото, спаѓа и објавување вонредна климатска состојба, промена на начинот на кој во нашата земја се произведува електрична енергија, рециклирање на отпадот, намалување на користењето на штетниот отпад и др.

Локалното #FridaysForFuture: Без радикална, системска промена, нема да ги избегнеме ефектите на климатските промени

Поддршка за младите на собирот дојде и од Словенија. На протестот со својот сопруг вело-активист Андреј Клеменц, беше и Славица Пешевска, Македонка која 31 година живее во Словенија. Две децении е активист против климатските промени, сега силен поддржувач на словенското движење Млади за климатска правда.

„Со години сме активни, потоа се појави Грета, масовни движења во Европа и светот… На 15 март се одржа првиот голем протест во Љубљана, на улиците маршираа 9.000 млади луѓе. Убава глетка! Во април, за вториот глобален штрајк, немавме голем одзив, но за септември се припремаат помасовни демонстраци. Исто како и тука во Скопје, и други европски градови, млади во Љубљана се собираат секој петок, со јасно изразени барања до Владата“, вели Пешевска.

Потенцира, главната цел е да се промени политиката за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и сето она што допринесува за затоплувањето. Еколошката криза, нагласува таа, може да се смета и како социјална криза.

„Борбата за ресурси веќе се случува во повеќе држави низ светот“, смета Пешевска.

Меѓу присутните беше и пејачката Викторија Лоба. На прашањето зошто е тука, на собир против климатски промени, таа прашува „Ако не јас – кој?“.

Викторија Лоба и Иво Босилков од Fridays for future

„Нели, кога сакаш да направиш промена, почни од себе. Мене ми е важно што и кај нас имаме свесни луѓе што се грижат за нашата планета, бидејќи со Земјата сме едно. Ако го уништиме нашиот дом, нема каде да живееме“, вели таа.

Смета дека повеќето знаат кои се алатките за да спречиме несакани последици на планетата – да се насочиме кон обновливи извори на енергија, престанеме да употребуваме пластични кеси, да ги заштиме шумите…

„Јас сум голем борец против несовесното сечење на шумите. Надлежните се одговорни за да ја зајакнат контролата за сечењето и палењето. А, ние сме тука преку социјалните мрежи, најсилната алатка во ова време, дури посилна и од телевизијата, да го рашириме движењето. Затоа што за нас се работи!“, потенцир Лоба.

Покрај Скопје, денес ваков протест првпат се одржа и во Битола. Неколку граѓани, исто така дел од иницијативата Fridays For Future, се собраа на плоштадот „Магнолија“ да ја изразат својата загриженост за начинот на кој владата и локалните самоуправи се справуваат со загадувањето, депониите и негрижата за природата.

Собир на Fridays for future во Битола

#FridaysForFuture е движење што започна во август 2018 година кога 15-годишната Грета Тунберг седеше пред шведскиот парламент секој ден, во текот на три недели, во знак на протест против непреземањето доволно акции против климатските промени од владата.

Во февруари оваа година на движењето му се приклучи и нашата земја. Така под името Fridays for future Skopje, борбата за подобра иднина продолжува и кај нас.

Славица Пешевска и Андреј Клеменц

 

Георги Божиновски
Бојан Шашевски